Онлајн промоција на „Најстари приказни“ од Томислав Османли

39

Онлајн промоција на новата книга „Нajстари приказни: митови од мугрите на западната цивилизација“ на Томислав Османли е закажана за утре, со почеток во 19 часот, на профилот на Фејсбук на „Литература.мк“. Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина ‒ публикации“, и содржи митови од архајскиот период на медитеранските култури, наративи дојдени до нас преку грчката култура и писменост или создадени во неа.

Во оваа мала книга писателот Томислав Османли преку своето вешто и искусно перо ни раскажува неколку приказни што оставиле и што сè уште оставаат печат врз културата и историјата. Раскажувањето почнува со падот на древниот континент Атлантида и војната помеѓу титаните и боговите, што, пак, директно води кон даровите на Прометеј и отворањето на Пандорината кутија.

Следуваат две големи авантури и патешествија: задачите на силниот Херкул и пловидбата на храбрите аргонаути – две приказни богати со претстави на борби, чудовишта, магија и љубов. Тројанската војна и враќањето на Одисеј, заедно со подвизите на Персеј, се приказните со кои Османли го затвора циклусот со избраните најстари повести, за на крајот, во јасен поговор, да ги објасни митовите и да го разјасни контекстот од кој потекнуваат.

Целта на оваа книга е на јасен и автентичен начин на младата читателска публика да ѝ се доближат најстарите приказни што се појавиле во мугрите на западната цивилизација. Зашто „митовите се живите мечти дојдени од медитеранскиот дел на древниот свет во големиот современ свет – запечатени во културата и во колективното несвесно“. Со други зборови, колку и да се стари, овие приказни секогаш ќе останат „современи“ поради возбудливите настани и силните етички пораки во нив.