Од печат излезе поетската збирка „Актите се кастрирани“ од Катерина Гогова

1201

Дебитантската поетска книга „Актите се кастрирани“ на Катерина Гогова излезе од печат во издание на „Современост“.

Збирката вклучува 48 песни поделени на четири циклуси и воведна песна.

– Во манир на талкач кој се обидува да го пронајде заборавот откако го допрел себепознанието, поетесата оддава впечаток дека воедно ги допрела или барем, ги согледала оние толку многу нешта кои можат да се случат најавени во воведната песна. Чекорејќи низ патеките кои ги отвораат стиховите од оваа поетска книга, додека заеднички сопатникуваме со гласот на поетесата и сопственото ехо кое е во резонанца со него, и самите сме поттикнати да станеме сѐ посвесни за сопствената состојба во резонанцата на сеопштото физичко и метафизичко – вели рецензентот Стефан Марковски.

Ѓоко Здравески исто така се изјаснува позитивно за корелацијата помеѓу внатрешниот свет на поетесата и надворешната стварност:

– Јасноста на поетските слики зборува за длабокото и искрено преточување на внатрешните светови во текст, нешто што многу често недостасува во поезијата. Оваа поезија реферира на светови што навистина постојат и што навистина некаде се случиле, било да е тоа во надворешната стварност или во внатрешниот свет на поетесата. Оваа поезија не е резултат на некаква скрибоманска потреба за празнословие, туку, напротив, таа е резултат на внатрешниот порив за споделување и за ослободување на тие светови – вели Здравески.

Корицата на збирката е дизајн на Татјана Манева.

Катерина Гогова е родена 1989 година во Дојран. Студент е на Медицинскиот факултет и е дел од тимот на Здружението на граѓани ХОПС − Опции за здрав живот, каде работи во програмата за намалување на штети кај корисници на дроги. Дел е и од неформалната граѓанска иницијатива „Ретвитни оброк“ која има за цел рециклирање и донирање храна на социјално загрозени категории граѓани.