„Огнено крштевање“ во Штип

39

Младите дипломирани актери од Факултетот за драмски уметности со претставата „Ревизор“ во Штип имаа вистинско „огнено крштевање“. За време на претставата снема струја и во тој момент се заклучи дека снемало струја во целиот град. Но публиката, задоволна од играта на младите актери на сцената, не дозволи забавата да се расипе. Сите како по команда ги кренаа мобилните телефони и ги активираа блицевите за да можат младите актери да ја доиграат претставата.

Тоа беше прекрасен чин што ги воодушеви и актерите и публиката. Аплаузите за нивната изведба траеја до доцна во ноќта. Во рамките на проектот „Нов културен бран“ претставата „Ревизор“ од Гогољ беше одиграна на сцената на повеќе македонски театри. Проектот е финансиран од Министерството за култура, а претставата ја играат актерите што неодамна дипломираа на ФДУ во класата на Мими Таневска Србиновска.

Инаку ова е претставата со која дипломците на ФДУ настапија во Хрватска, на фестивалот „Диониз“ на кој учествуваа драмски и кукларски академии од цела Европа, а токму нашите претставници освоија гран при. Досега претставата ја имаат играно и на сцената на Драмскиот театар и на театарот „Комедија“ во Скопје и во Прилеп, во оф-програмата на театарските игри „Војдан Чернодрински“.

Првата средба со публиката беше на 7 ноември во Битола, а ден подоцна и во Скопје. На 12 ноември се одигра претставата во Куманово, а на 15 ноември, го посетија Штип.