Овдешната фотографска сцена е дисперзирана во илјада правци

149
Маја Аргакијева

За жал, таа антологичарска култура, култура на систематизирање, избор и критика, многу слабо вирее кај нас и многу се ретки потфатите од овој тип, велат уредниците на книгата „12 македонски фотограф(к)и“, Никола Гелевски и Драги Неделчевски

Книгата „12 македонски фотограф(к)и“, чии уредници се Никола Гелевски и Драги Неделчевски, а e во издание на „Темплум“, содржи биографии и фотографии на Зоран Шекеров, Маја Аргакијева, Иван Блажев, Васе Аманито, Владимир Арсовски, Дејан Колевски, Билјана Јуруковски, Иван Илиев, Весна Каревска, Самир Љума, Лилика Стрезоска и Натали Башоски. Во неа има и нивни впечатливи одговори на поставените уреднички прашања: „Што е за вас фотографијата?“ и „Кажете ни неколку збора за конкретните фотографии застапени во книгата“.

– Фотографирањето за мене е радост, возбуда, љубов и целосна присутност во
моментот сега и тука. Медитација – одговорила меѓу другото фотографката Маја Аргакијева (1977), која со фотографија активно се занимава од 2002 година, а во оваа книга е нејзината серија фотографии настанати во 2016 година, во „Циркус балкански“ во Несебар, Бугарија.

Фотографот Иван Илиев (1981), кој меѓу другото е автор на фотографии за обвивката на последниот албум на „Пиколомини“ („Бела птица црн бран), за неколку дигитални изданија на домашната издавачка етикета „Ако никој не свири“, за плакатот на 55-то издание на ДАФ – Кочани, пак посочил дека фотографијата му дала нов поглед кон секојдневните работи, кој не е досаден или грд, и го обврзала да го гледа светот со поинакви очила. Илиев фотографијата го научила да ја наоѓа убавината таму каде што навидум ја нема и, како што укажува самиот, му ја дала слободата да ja врамува и компонира реалноста под свои услови.

Весна Каревска

– Фотографијата стана лудо присутна, насекаде и во огромни количества. Постојат пролиферација и инфлација на фотослики, до степен на заситеност и дезориентираност. На некој начин, тоа зборува за артифициелноста на преовладувачката слика на светот. Оти фотографијата е псевдоприсуство, т.е. знак на отсуство. Затоа ја има толку многу, таа на некој начин е надоместок за изгубената реалност, клучен медиум на консензуалната халуцинација – велат уредниците Гелевски и Неделчевски.

Тие укажуваат и дека фотографирањето дава чувство на моќ, иако е тоа моќ над мртвото, над нешто што поминало, но и дека фотографијата е граматика или, уште поважно, етика на гледањето, како што вели Сузан Сонтаг. Двајцата уредници истакнуваат дека главната намера на книгата „12 македонски фотограф(к)и“ е комплексноста на фотомедиумот да ја претстави преку погледот врз еден дел на современата македонска фотографска сцена.

– Богатството на медиумот сакаме да го доловиме претставувајќи ја таа сцена што покомплексно и различно, во стилска, поетична, идејна, техничка, родова, генерациска смисла. Ако сакаме да бидеме претенциозни, книгава може да биде и придонес за воспоставување, за артикулирање на овдешната фотографска сцена. Таа сцена веројатно постои на некои можеби мистични начини, дисперзирана во илјада правци, но требаат фокус, репери, критика, артикулација. И поради тоа се потребни вакви книги. Како што се потребни, на пример, што позачестено, антологии (и современи и историски) на македонскиот расказ, поезија, карикатура… И не само на македонскиот, се разбира. За жал, таа антологичарска култура, култура на систематизирање, избор и критика многу слабо вирее кај нас и многу се ретки потфатите од овој тип – велат уредниците.

Тие меѓу другото напоменуваат дека во пронаоѓањето на внатрешната поврзаност меѓу различните фотографски поетики многу им помогнале дизајнерите од графичкото студио „Кома“, Ема Велковска и Небојша Гелевски.

Запрашан што било клучно на почетокот при секцијата за „12 македонски фотограф(к)и“, со претпоставка дека 12 не е случајно избран како број, уредникот Никола Гелевски откри дека тргнале со идеја за десет од нив.

– На поширокиот список, кога тргнавме со уредничката работа, имавме дваесетина врвни македонски фотографи. Дванаесетте луѓе претставени во книгата ни се видоа како добра комбинација, секој пополнува некој дел од виртуелната уредничка сложувалка. Деликатна работа е уредувањето, секогаш нешто сечете, повредувате, отфрлате. Но се создаваат нови констелации, значења, читања, токму низ сопоставеноста, низ релациите меѓу авторите. За мене уредувањето, професијата уредник, е една од најкреативните работи; тешка, често неблагодарна, но и восхитувачка, во некои моменти, кога констелациите ќе светнат со некои посебни енергии – вели Гелевски.

Дејан Колевски

Оваа книга пред петнаесетина дена беше промовирана во „Лоја“, центарот за балканска соработка во Тетово, каде што истата вечер беше одржан и разговор на тема „Сликата на другиот“.

– Од Тетово се Драги Неделчевски и Самир Љума. Тетово, веројатно најмногу поради ентузијазмот на Драги, има добра фотосцена, со децении. Од друга страна, ние токму во овој период, во изминативе неколку месеци, во неколку града во Македонија одбележувавме два јубилеја: 25 години од списанието за култура „Маргина“ и десет години од порталот „Окно“. Тетово беше еден од тие пет града. Гледавме разговорот „Сликата на другиот“ да биде поврзан и со книгата и со темата на серијата наши разговори „Културата и медиумите“. Сите пет разговори, на кои учествуваа дваесетина луѓе, поминаа одлично. Воопшто целата акција на одбележување на нашите јубилеи помина одлично. Треба почесто да го напуштаме Скопје – вели Гелевски.

Запрашан, пак, како директор на „Темплум“ како гледа на недоволното присуство на печатени изданија од областа на фотографијата во земјава и дали проблемот е само во финансиите или, сепак, и во нешто друго, тој меѓу другото укажа дека треба да се работи.

– Медиумите што сум ги уредувал, „Маргина“ и „Окно“, секогаш имале многу слики. Полни се со слики и многу од книгите што сум ги уредил во овие речиси 30 години. Така што, ете, пополнувам, можеби, нешто со што треба и другите уредници и уреднички да се позанимаваат. За среќа, почнуваат да се менуваат работите и на тоа поле. Иако реално многу сме заостанати, на сите рамништа, во сите сфери на животот, дури и во однос на блиските соседи. Но треба да се работи, а не само да се констатираат невеселите состојби – вели Никола Гелевски.