„Ова е бел проблем“ – ново дело на Бенкси

137

Бенкси објави ново уметничко дело инспирирано од убиството на Џорџ Флојд. По објавувањето на новото дело на неговиот инстаграм-профил, мистериозниот уличен уметник напиша: „Отпрвин мислев дека треба само да замолчам и да го слушам гласот на црнците по ова прашање. Но зошто би го сторил тоа? Тоа не е нивен проблем. Мој е! Црните луѓе се предадени од системот, белиот систем“.

Новото уметничко дело што го објави покажува почит кон анонимна црна фигура покрај свеќа што го гори американското знаме.
– Како скршена цевка што го поплавува станот на луѓето што живеат кат подолу. Овој погрешен систем го прави нивниот живот мизерен, но не е нивна работа да го поправат. Тие не можат, затоа што никој нема да ги пушти во станот горе. Ова е бел проблем. И доколку белците не го поправат, некој ќе мора да се качи горе и да ја скрши вратата – вели Бенкси.

Протестите избувнаа низ САД како реакција на убиството на 46-годишниот Афроамериканец Флојд за време на неговото апсење од полицијата во Минеаполис. Белиот офицер Дерек Шовин беше снимен како го притиска коленото врз вратот на Флојд подолго од осум минути. Во видеото од инцидентот може да се чуе како Флојд моли за милост, велејќи: „Не можам да дишам“. Шовин беше отпуштен, уапсен и обвинет за убиство од втор степен.

Демонстрантите од Вашингтон се собираат за, како што се очекува, најголемиот протест против полициската бруталност.