Објавен романот „Патник“ од Сретен Асановиќ

33

Издавачката куќа „Слово“ од Скопје, во рамките на едицијата „Сто словенски романи“ (проект во кој соработуваат тринаесет словенски земји), неодамна го објави романот „Патник“ од црногорскиот автор Сретен Асановиќ. Се смета дека Асановиќ во најголема мера го носи и со својот книжевен опус го потврдува епитетот бард на црногорската национална книжевност, на црногорската етика и естетика. Тој е автор на голем број книги на раскази и романи и добитник на најголемите црногорски книжевни награди.
Романот „Патник“, за кратко време по првото издание, доживува четири изданија. Тоа е псевдобиографска проза, која зборува за црногорскиот печалбар и скитник Божо Живков Томовиќ. Истовремено, велат критичарите, тоа е роман за црногорската општествена и историска судбина во првата половина на 20 век, болно сведоштво за судбината на оние Црногорци што не можеле да се помират со можното исчезнување на нивната татковина. Романот е значаен и по тоа што актуализира речиси заборавена лексика.