Објавени добитниците на наградата „Ана Франк“

45

Годинашни добитници на Меѓународната награда „Ана Франк“ се Мирјана Стакиќ (Србија), Алтенка Сапунџиева (Бугарија) и Зоран Пеневски (Србија). Наградата ја доделуваат издавачката куќа „Феникс“ и фондацијата „Македонија презент“, а се доделува за севкупен книжевен придонес, особено на планот на културната соработка и размена на литературите на Балканот.

Мирјана Стакиќ е родена во 1973 година, во Владичин Хан (Србија). Живее на Златибор и работи како вонредна професорка на Педагошкиот факултет во Ужице (Универзитет во Крагуевац). Нејзината поезија е преведена на повеќе јазици, а романот „Приказната на Ана“ е објавен во Америка и во Турција. Авторка е на голем број учебници, монографии, научни и стручни трудови. Членка е на Здружението на писателите на Србија.

Алтенка Сапунџиева (уметнички псевдоним Латинка Златна) е родена во 1957 година, во Ловеч (Бугарија). Има објавено десет стихозбирки и една прозна книга. Преведува од македонски, српски, босански и хрватски јазик и досега има преведено над 50 автори. Нејзините стихови се преведени на голем број јазици и добитничка е на повеќе награди и признанија. Членка е на Сојузот на бугарските писатели.
Зоран Пеневски е роден во 1967 година, во Панчево (Србија). Тој е автор на повеќе романи и графички романи, сценарист и преведувач. Пишува за деца и за млади. Живее и работи во Белград. Автор е на романите: „Помалку битни злочини“, „Траги на отсуството“, „Полноќ на твоите раце“ и „Лектор“, како и на повеќе графички романи. Има преведено над 50 книги од англиски, германски и македонски јазик. Неговите дела, исто така, се објавени во странство, на англиски, француски, холандски и македонски јазик.