Објавена книгата „Се гледаме во Опсан“

28

Издавачки центар „Три“ ја објави книгата за деца „Се гледаме во Опсан“ од шведската авторка Сила Јакерт, во превод на Ивица Челиковиќ, која е дел од новата едиција „Магични приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
– Овој роман ќе ве одведе на најљубопитниот рид на едно детство, на кој се наоѓа Опсерваторијата во Стокхолм или Опсан, местото каде што неколку деца го поминуваат летниот распуст криејќи се од себе и од светот. Во овој прекрасен роман во кој детскиот кадар е свртен кон самоодговорноста да се порасне надминувајќи ги семејните кавги, промени, проблеми, авторката успеала да ни претстави неколку детски ликови што пленат со својата едноставност и нѐ поттикнуваат на размислување за нивното место во семејството и во светот – најавуваат од „Три“.

Сила Јакерт е шведска авторка на книги за деца. Иако формално образование стекнала во општествените науки и историја, таа работи како уредничка на весник и како сценаристка. Во 2013 година ја доби наградата „Чатал“ на Сојузот на писателите на Шведска за дебитантската книга „Денешни катастрофи“. Во 2014 година го објави „Се гледаме во Опсан“, книга за сите мали и големи деца.