Објавена книгата „Зад маската на патриотизмот“

1001

Деновиве издавачката куќа „Слово“ од Скопје, ја објави книгата „Зад маската на патриотизмот: анатомија на еден авторитарен режим“ од професорот и поранешен амбасадор Ѓорѓи Спасов. Станува збор за книга колумни и есеистички текстови, кои претставуваат анализа на феномените на тоталитаризмот воопшто и, посебно, една вивисекција на тоталитарниот режим, кој беше инсталиран во Македонија во годините меѓу 2006 и 2017 година.

Во книгата на околу 330 страници се поместени анализи на изборните и владините кампањи во периодот од 2007 до 2017 година, на идеологијата на македонската десница, процесот на лустрацијата и политиката на власта во овој период кон соседните земји.

– Пишувањето колумни може лесно да ве претвори во обичен пропагандист, а колумната да ја претвори во пропаганден памфлет. Но со малку повеќе амбиција, таа може да биде и еден вид кус расказ, во чие читање, ако има приказна може еднакво да се ужива како во убавата книжевност, во која спаѓа и политичката сатира. Од друга страна, тоа е можност за пишување мал политички есеј, кој ги појаснува нештата од страна на нивната помалку видлива димензија – вели авторот на оваа книга.