Објавена книгата „Ангелите од Москополе – егзилот“

154

Во издание на „Бата прес“ е објавена „Ангелите од Москополе – егзилот“, втора книга од истоимената трилогија од познатата романска авторка Катја Максим. И првата и втората книга на македонски ги преведе Димо Н. Димчев, а нивното објавување беше поддржано од Министерството за култура.

Голем дел случувања во романот се одвиваат во Битола, Солун и во Венеција, првите засолништа на прогонетите од Москополе. По големата трагедија, тие се обидувале за тоа да ги известат европските дипломати, кои од своја страна, пак, биле преокупирани со луксузни балови, љубов и неверства, со издигањето и падот на Наполеон и Француската револуција…

Авторката и во овој роман сведочи и за големата љубов на Лиа Петреа и Коста Чегани, нивното континуирано школување и напорот влашкиот (ароманскиот) јазик, култура и историја да им ги претстават на најпознатите европски научници и интелектуалци во тоа време. Тука се преплетуваат судбините на некои од најславните Власи, како на богатиот и контроверзен трговец и банкар Симон Сина, на професорот и едно време ректор на академијата од Москополе Теодор Каваљоти или на славниот германски историчар и теолог Јохан Тунман.