Објавена „Клуб на обожаватели“ од Горан Трибусон

26

Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на проектот „Читаме заедно!“ ја објави книгата „Клуб на обожаватели“ од хрватскиот автор Горан Трибусон, редовен професор по филмско сценарио, кој пишува телевизиски и филмски сценарија. Трибусон е член на Хрватската академија на науките и уметностите. Критичарите го декларираат како еден од најважните претставници од генерацијата на борхесовците.
Неговите романи се автобиографски и генерациски, со елементи од популарната култура и од митологијата на секојдневјето.

Маргините на градот се преплавени со приказни. Друштвата што произлегуваат од нив сами по себе се книжевни ликови. „Клуб на обожаватели“ донесува четири раскази во кои се раскажуваат неколку необични судбини, смешни и полни со пресврти, судбини за неколку веќе средовечни другари од приградската населба Плинара.
Со својот однос кон минатото и зборувањето за сегашноста, „Клуб на обожаватели“ потсетува на најдобрите страници на Трибусон, авторот што со своето чувство за доловување на стварноста и живописноста на дијалозите ги исполнува централните простори на хрватската проза свртена кон секојдневјето.

Во изданието на „Клуб на обожаватели“ на македонски јазик преводот од хрватски е дело на Владимир Јанковски, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.