Објавена „Дора Мар и Минотаурот – мојот живот со Пикасо“ од Славенка Дракулиќ

117

Издавачот „Блесок“ деновиве ја објави книгата „Дора Мар и Минотаурот – мојот живот со Пикасо“. Приредувачка на познатиот црн бележник на фотографката и муза на Пабло Пикасо, Дора Мар, е хрватската писателка Славенка Дракулиќ.

– Познатата француска надреалистичка фотографка и сликарка Дора Мар, или Анриет Теодора Марковиќ, како што е нејзиното оригинално име и презиме, умрела во 1997 година во Париз, на деведесет години. Во нејзиниот стан во Париз, меѓу многубројните хартии, документи и белешки испишани на француски јазик, пронајден е и црн бележник со записи на хрватски јазик, јазикот на татко ѝ, Жозеф Марковиќ, кој течно го говорела, иако ретко го користела. Многу е веројатно дека овие белешки на хрватски за неа биле особено драгоцени оти овој јазик, а не францускиот, го поврзувала со чувствата, кои во нејзиниот случај ѝ ги всадувал таткото, а не мајката. Освен како фотографка, Дора Мар е позната и како муза на Пабло Пикасо. Очекувано, средиштето на нејзините белешки се средбата со Пикасо, односот на овие две креативни личности, од кои едната исклучително доминантна, разделбата и трауматските последици за Дора, како и времето по нивната интензивна врска. Иако белешките во црниот бележник немаат наслов, се чини за соодветно оваа книга да се нарече според еден од најпознатите цртежи на Пикасо, „Дора и Минотаурот“, од 1936 година.

Овој цртеж можеби најсилно ја симболизира природата на нивната врска. Судејќи според некои наводи, најголемиот дел од недаптираните белешки – делумно инспирирани од сеќавањата на разговорите со психоаналитичарот Жак Лакан – е напишан во 1958 и 1959 година. Пишувани се со рака, со виолетово мастило и правилен ракопис. Всушност, Дора Мар во тие години се повлекла од јавниот живот и следните четириесет години, сè до својата смрт, живеела осаменички живот. Бележникот за кој станува збор – a можно е да се работи за познатиот „бележник од Менерб“, кој во книгите за Дора го споменуваат Џејмс Тејлор, Алисиjа Духовне Ортиз и некои други автори – во 1999 година е продаден на аукцијата наречена „Последните спомени на Дора Мар“.

По смртта на анонимниот сопственик, бележникот е пренесен во татковината на татко ѝ на Дора. Бележникот сега се наоѓа во Риека, и е во сопственост на личен познајник на Дора, но и познавач на нејзиното творештво. Новиот сопственик има контактирано со приредувачката Славенка Дракулиќ, но под еден услов, и неговото име, како и името на претходниот сопственик, да остане непознато за јавноста. Без оглед на фактот што се работи за фрагментарен и веројатно недовршен текст, тој претставува драгоцен увид во творечките личности и на Дора Мар и на Пикасо – посочуваат од „Блесок“.