Новогодишен концерт со ансамблот „Јаношка“ од Австрија

36

Ансамблот „Јаношка“ од Австрија ќе настапи со оркестарот на Македонската филхармонија, в петок, во 20 часот, на новогодишниот гала-концерт „Слушни!Доаѓа Новата…“. Со оркестарот ќе диригира маестро Борјан Цанев.

Музиката што ја создаваат тројцата браќа од Братислава – Ондреј, Франтишек и Роман Јаношка и нивниот роднина Џулиус Дарвас, претставува колоритен контраст на нивната класична наобразба со музиката од другите жанрови – од џез и латино, до поп-музика. Крајниот резултат не е само микс од стилови, туку креативна синтеза – препознатливниот јаношка-стил. Овој ансамбл е во постојана игра со музичките познавања на публиката, слободно комуницира со класичните теми, кои потоа ги транспонира во различни музички дисциплини, без да ја наруши уникатноста на стилот. Во нивната музика не постојат матрици, специјални формули, ансамблот „Јаношка“ спонтано креира имагинативна музика. Нивниот стил не е само звук, тоа „музика што живее“, која треба да се чуе и да се почувствува во живо.
– Сакаме нашата музика да ја придвижи публиката, да ја допре на посебен начин. Тоа е нашата цел – вели Франтишек Јаношка, пијанистот што има совршена контрола над секој отсвирен тон.

Неговиот брат Роман Јаношка свири виолина и креира експлозивни џез-импровизации. Најмладиот од нив, Одреј Јаношка, ја објаснува нивната интеракција.
– Секој од нас има сопствени музички интереси, преференции, омилени жанрови и стилови. Си даваме свој простор и заедно креираме музика во препознатливиот јаношка-стил – вели Одреј Јаношка.
Тројцата браќа свират заедно со контрабасистот Џулиус Дарвас, кој исто како и нив има класична музичка наобразба.

– Сакаме да ја вратиме импровизацијата во класичната музика, која е изгубена во последниве неколку века – вели тој.
Музичарите од ансамблот „Јаношка“ свират на сите континенти и постојано имаат нови проекти. Сите што биле на нивните концерти си заминуваат од концертната сала инспирирани, полни со енергија и насмевка на своето лице.