Нова наколна населба откриена во Далјан

51

Населбата на брегот на Охридско Езеро потекнува од крајот на бронзеното време

За постоењето нова наколна (палафитна) населба, досега непозната за археолошката јавност во држава, кај месноста Далјан на брегот на Охридско Езеро, говорат деновиве презентираните археогеолошки резултати од третата кампања на проектот „Погранични студии – истражување на идентитетот и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија во регионот на Охридско Езеро“, кој го спроведуваат Археолошкиот музеј од Скопје и Карловиот универзитет во Прага. Во него учествуваат и Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешке Будјејовице, Геолошкиот истражувачки центар од Чешка, како и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид и музејот од Струга „Д-р Никола Незлобински“

– Населбата потекнува од крајот на бронзеното време, односно од пред 3.000 години. Со нејзиното откривање како и со преостанатите резултати што ги добивме со археогеолошките испитувања добивме сосема нова слика за минатото на овој значаен крајбрежен и археолошки богат регион. Со истражувањата беа земени и над 100 примероци на почва, остатоци од дрва и друг органски материјал од кои во рамките на проектот со користење модерни технологии ќе бидат направени најразлични анализи како: анализа на полен, анализа на макроостатоци, дендрологија и дендрохронологија, седиментологија, хемиска анализа на почва, датирање со изотоп C14 и биохемиски анализи. Со резултатите што очекуваме да ги добиеме од овие анализи сметаме дека ќе можеме подетално да ја реконструираме археолошката слика на регионот во првиот милениум пред н.е. – посочија деновиве археолозите, раководители на проектот, Перо Арџанлиев и Марек Верчик, додека со геолошките истражувања раководи Јаромир Бенеш од Универзитетот на Јужна Бохемија.

Тие укажуваат дека во првите две кампањи од проектот е извршено рекогносцирање на населби и некрополи во охридско-преспанскиот регион опфаќајќи ги Охридската Котлина северно од езерото (Струга и Охрид) и Преспанската Котлина, кои хронолошки припаѓаат на периодот од бронзеното време па до потпаѓањето на овој регион под римска власт. Геолошкиот истражувачки центар од Чешка се вклучил во третата кампања.

– Со геолошките истражувања од оваа година уште во почетокот имавме одлични резултати. Нивна главна цел беше да се реконструира пејзажот, да се истражат климатските промени како и животните навики на популацијата што го населувала специфичниот охридски езерски регион во кој наедно се појавува и елитата, која се погребувала на некрополата кај Требениште – истакнуваат истражувачите.

Проектот „Погранични студии – истражување на идентитетот и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија во регионот на Охридско Езеро“, веќе трета година се реализира со финансиска поддршка од македонското министерство за култура и од Карловиот универзитет од Прага.