Нова книга есеи од Венко Андоновски

63

Нова книга есеи од писателот и професор Венко Андоновски, со наслов „Достоевски и Мекдоналдс“, излегува деновиве од печат во издание на „Три“. Збирката е напишана во препознатливиот стил на Андоновски, низ кој провејува неговиот прониклив и (само) ироничен став кон работите. Низ петте поглавја, насловени „Што е тоа бестселер“, „Тестирање на методот“, „Македонскиот роман“, „Македонската поезија“ и „Рускиот роман денес“, авторот се обидува да одгатне што се случува со книжевноста денес, кога за неа сè повеќе се зборува преку поимот „бестселер“.

– Книжевност е, значи, она што денес добро се продава како книга. И уште, според автоматизам (и, се разбира, погрешно), најпродаваната книга се смета за најдобра книга. Значи, сосема неосновано еден пазарен параметар се прогласува за естетски параметар. Замената на естетските со економски тези е дел од намерите на потрошувачкото општество, кое по секоја цена сака и уметноста да ја претвори во стока наменета за широка трговија. Книжевноста никогаш порано не била толку трговија, колку што е денес – укажува меѓу другото Венко Андоновски.