Новата Летна школа за архитектура зазема алтернативен формат

186

Темата „Омаж на заедништвото“ има цел, обратно од преовладувачкиот тренд на размислувања за новиот „визуелен пејзаж на ковид-19“ базиран на физичкото дистанцирање, да нè потсети (со педагошка одговорност) дека суштинскиот карактер на архитектурата е да зближува, да поврзува, да поттикнува заедништво

Поради пандемијата на ковид-19, 29-та сесија на Летната школа за архитектура на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, годинава ќе заземе алтернативен формат. Темата е „Омаж на заедништвото“ и активностите почнуваат денеска со отворање меѓународен студентски конкурс.
Досега школата се одржуваше во прекрасниот предел на Лазарополе, а идните архитекти ќе имаат задача да проектираат мала архитектура, која поттикнува заедништво во центарот на Лазарополе. Периодот на регистрација на учесниците е до 27 јули, а конкурсот завршува на 17 август. Студентите ќе имаат одлична можност да се натпреваруваат со своите колеги во меѓународен контекст, пред комисија составена од архитекти и професори од Берлин, Љубљана и од Скопје.
– Темата „Омаж на заедништвото“ има цел, обратно од преовладувачкиот тренд на размислувања за новиот „визуелен пејзаж на ковид-19“ базиран на физичкото дистанцирање, да нè потсети (со педагошка одговорност) дека суштинскиот карактер на архитектурата е да зближува, да поврзува, да поттикнува заедништво. Затоа темата повикува да се сеќаваме, да ги истражуваме, да ги преобмислуваме, да ги славиме просторните обрасци на заедништвото низ повеќе активности.

Во рамките на студентскиот конкурс, преносот на идејата за заедништво во архитектонска конкретност е специфичен процес, бидејќи поимот „заедништво“ е универзален како вредност, но е многу интимен како чувство. Студентите се поттикнуваат да го пронајдат, препознаат и да работат со тоа лично чувство за заедништво. Сепак, 29-та Летна школа за архитектура ќе им овозможи серија едукативни активности, кои ќе го поддржат тој процес на саморефлексија со продлабочување на нивните знаења за различните начини на кои архитектите успеале да ја опросторат личната идеја за заедништво – велат од Архитектонскиот факултет.
Во рамките на школата, ќе се води и мотивациско делче на веб-страницата на Архитектонскиот факултет наречено „Атлас на заедништвото“. Станува збор за интерактивна иницијатива каде што ќе се објавуваат илустрации од проекти, кои кај професори и пријатели на АФС предизвикуваат асоцијација на заедништво во архитектурата.

Наедно, на 28 јули на платформата Зум ќе се одржи и онлајн отворање на Летната школа. Во план е уште еден вебинар на темата „Што научивме за архитектурата на заедништвото?“ на 1 септември, кој ќе биде модериран настан помеѓу учесниците во конкурсот и членовите на меѓународната комисија со осврт кон резултатите на конкурсот и најдобрите идеи, како и коментари и заклучоци во прилог на темата на сесијата: успеавме ли да ја прославиме идејата за заедништво во архитектурата.