Ние сме граѓани на светот, а Македонија ми е инспирација

543
Фото: Дарко Андоновски

Петре Николоски, скулптор

Неговото дело „Бесконечност“ е изложено како завршна активност за годинава во рамките на 70-годишниот јубилеј на Националната галерија на Македонија, еден од најзначајните настани годинава на културен план. Уметникот Петре Николоски, роден во Прилеп, од 1990 г. живее во Велика Британија и досега зад себе има импозантна низа од групни и самостојни изложби

Во Националната галерија на Македонија, во објектот „Чифте-амам“, ја создадовте инсталацијата „Бесконечност“ на крајот на 2018 година. Зошто токму во Старата скопска чаршија го поставивте ова дело, со кое повторно отворате прашања што навлегуваат во човековото живеење?
– Мене Македонија ми е многу важна, од тука потекнувам и на секои седум до десет години се враќам и покажувам што сум создал во меѓувреме. Во 2004 година започнав еден долгорочен проект, „Кожата на прилепското поднебје“, кој беше изложен во Музејот на современата уметност, инспириран од прилепското поднебје, и сѐ што настана потоа во земјава е поврзано со тој проект. Пред шест-седум години почнав да разговарам со директорот на Градската библиотека во Прилеп, Петар Петрески, за мојата врска со книгата. Се родив во близината на библиотеката и како дете ги гледав книгите и размислував што значи ако скокнеш во една книга, да трчаш низ неа, па низ друга и тие чисти размислувања ми се навраќаат често во творештвото. Тој разговор и поканата на кураторката Ана Франговска и на Националната галерија на Македонија доведоа до тоа да го создадам делото „Бесконечност“ во рамките на 70-годишниот галериски јубилеј, а „Чифте-амам“ како место за лоцирање на идејата, беше фантастичен предизвик. Морав да направам промени во моите планови за да дојдам во Македонија, бидејќи имам доста ангажмани по светот. Свесни сме што сѐ се случувало тука во областа на културата и мислам дека овој проект ја има силата на вистински предизвик кога книгата како литерарна дефиниција на мислата добива една ликовна димензија.

Во инсталацијата има вградено дрвени елементи и многу донирани книги од приватни извори, но и од дел од македонските институции. Очекувавте ли толкав одзив?
– Живеам во Велика Британија 30 години, а научниците велат дека на секои седум години човечкото тело комплетно се менува. Значи, откако сум заминал одовде речиси четири пати ми се регенерирало телото и многу малку имам блискост со Македонија, но останале чувствата и сеќавањата што не знаеме каде се депонирани во нашето тело. Делото го работев во некогашната бања, во еден од најубавите објекти во светот, каде што под ист покрив се соблекувале и жените и мажите, и ги користев неговите симболи. Во женскиот дел поставив обелиск, кој има многу еротски симболи што се стремат кон куполата каде што единственото природно светло доаѓа од самиот покрив, а во машката бања поставив форма како стомак, асоцијација на женски полов орган. Преку овој проект ги поканив луѓето и нивните семејства да учествуваат во него. Имам огромен одзив и од НУБ „Свети Климент Охридски“ и од Македонската академија на науките и уметностите, но и од приватни лица. Илјадници, илјадници книги пристигнаа. Позитивно е, шокантно колкав одзив имав.

Заминавте од овој простор во периодот на забрзано распаѓање на СФРЈ. Како се дефинирате сега себеси, го пронајдовте ли во Британија рецептот за уметничка слобода?
– Да, но сѐ е во нас. Ние бегаме од себеси мислејќи дека на друго место е среќата, но таа се движи со нас, само треба да ја препознаеме и да најдеме рамнотежа. Евидентно е дека уметноста е една од најважните индустрии во светот, затоа што ништо не е случајно, а и вредноста на живеењето во Британија е што си на изворот. Лондон е еден од најважните центри на светот, можеби е број еден, каде што од прва рака ги имаш сите потребни информации и секој ден се случуваат многу работи. Свесен сум дека како уметник никогаш не можеш да бидеш богат финансиски, а јас одбрав да живеам на маргините.

Колку сте задоволен од третманот на британската ликовна сцена како уметник што дошол од друга држава?
– Пред две години, при копање за поставување пруга под Лондон што поминува под метрото, беа откриени човечки гробови и беше докажано дека над 70 проценти од откриените остатоци се од странци. Не е ништо случајно што и јас појдов таму, милиони луѓе одат, миграција, нормално. Во тој контекст, ако се анализира Британија, таа отсекогаш на површината е доста конзервативна, но под површината на нештата откриваш многу нијанси на убавини, на сознанија и тука го гледаш својот успех. Во 1998 година одлучив да се повлечам и да создавам дела во студио и веќе 20 години работам на седум-осум дела, сликани скулптури или моделирани слики, но сега, бидејќи нема веќе физички простор за мене внатре, почнав да излегувам од него и повторно да се јавувам во јавноста. Тоа е мојот успех, да егзистираш како некомерцијален уметник во Британија по логиката на материјализмот е неможно, а јас сум тој што егзистира, работи и твори, не сум компромитиран како уметник, што значи дека сѐ е можно. Уметноста ти дава можност да се чувствуваш успешно.

Не го напуштивте користењето материјали од природата, по тоа станавте и препознатлив во творештвото уште во помлади години. Сега тоа е сѐ позасилен тренд во светот…
– Тоа е уште една потврда дека си успешен, делата што ги работев пред 30 години сега се појавуваат на сцена. Работев видеопроекти во 1984 година, а по 15-20 години на таков начин работеше и Аниш Капор со неговата сопруга, но тој сега е мултимилијардер. Заминав да го освојам светот, а не појдов да се променам во него, но полека сѐ си излегува на виделина. Сега ми е важно љубовта кон Македонија да постои, чувството на поврзаност да не се прекине. Многу сум внимателен кон младите, кон околината, но и многу критикувам. Се навредија моите колеги, професори на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, кога дојдов во февруари и јавно го критикував начинот на кој овде му се приоѓа на творештвото, на образованието, на сѐ што се случуваше досега во Македонија и на она што треба да се случи во иднина.

Во Британија е актуелен брегзитот, а во земјава драматичните политички промени што никого не оставаат рамнодушен. Како ги доживувате и едните и другите?
– Светот е лавина што се движи во еден простор и мораш да бидеш свесен дека отсекогаш било така, некои состојби има потреба да се преиспитаат. Самиот концепт на функционирање на поранешна Југославија беше пример како се формира Европа. Нормално дека тука настанаа многу фракции, недоразбирања, корекции, непријатности. Самиот концепт на Европа е многу добар, но какви се другите интереси, случувањата во Полска, Унгарија, Бугарија, како тоа се рефлектира на другите земји, тоа се многу прашања. Во Британија настанаа големи промени во последните 15-20 години, и тоа и сега се чувствува таму. Ова е опомена за Европа, мислам дека ќе биде во ред, но потребно е некое преиспитување да се види кои сме, од каде доаѓаме, што е клучното прашање. Во контекст на Македонија мислам дека не беше добро она што се случуваше досега. Се направија катастрофални грешки, а со новите промени мислам дека треба да се надминат урбаните катаклизми, непланското планирање и злоупотребувањето одредени позиции, преголемото експлоатирање, уништувањето на парковите и зеленилата, уметничките инвестирања во бесмисленост.

Во Добри Дол во Скопје создавате свој работен простор, но велите дека нема да се преселите овде…
– Не се враќам во Македонија, но таму навистина си создавам работен простор. Патувањето сега е многу едноставно, побрзо ќе стигнам со авион во Скопје отколку во Единбург и зошто да не ја искористам таа предност. Ако сте 30 години во движење, не знам колку е голема возбудата да посетиш уште еден непознат град, но многу е важна можноста да видам пријател овде во Старата чаршија, да имам чист воздух во Добри Дол и убава храна, да ми доаѓаат луѓе од странство на гости и да создадам професионална екипа што може да биде дел од студиото „Инфинити“. Ние сме граѓани на светот, а Македонија ја користам како инспирација. Здосадено ми е од местата каде што те гледаат како еден вид производ, овде си дел од луѓето што се тука, а никој не се возбудува од каде доаѓаш.

Фото: Дарко Андоновски