Не знам литературно македонски, ама лафум гивгилијски

9536

Во спомен на глумецот Иван Бекјарев

Иван Бекјарев или Беќарев, како што е името на неговото семејство во Гевгелија, почина вчера во Белград во 75-та година од животот. Важеше за еден од најдобрите српски и југословенски актери на сите времиња. Велеше дека Гевгелија секогаш ја носи во срцето и мислите, и гордо на сите им кажувал од каде е неговото потекло. Во 2005-та година, еден друг гевгеличанец, кој живееше во Белград, и кој за жал исто така не е веќе меѓу живите, новинарот Томислав Аврамов, за тогашниот неделник „Добар глас“ кој излегуваше во Гевгелија, направи интервју со Бекјарев, по повод 40 години од неговата кариера.

Во интервјуто, Иван раскажува за неговите родители, Ѓорѓи и Радмила, за неговите прадедовци Беќареви, кои по потекло се од Хума, за братучедот Илија Џаџев, за неговата кариера, за улогата на Курчубиќ, од серијата „Подобар живот“, за кафеаната на неговиот чичко Петар Беќарев.

Како што вели во интервјуто за „Добар Глас“ дома секогаш зборувале гевгелиски.

– Растев, во Крагуевац и Белград, но Гевгелија секогаш ја носам во мислите. Гевгелија за мене е првото овошје, првиот зеленчук, првата смоква, и првиот домат и првото грозје. Мошне сум горд на моите прадедовци, Беќареви, од Хума. Во ова поткожуфско село има дванаесет чешми. На една пишува Петар Беќаревиќ на својот народ, а на другата Ѓорѓи на својот народ – вели Иван во интервјуто.

За жал Бекјарев не стигна да го погледне својот последен филм „Професорот“, завршен 2020 година, посветен на неговиот вујко Илија Џаџев. Последната реченица на Иван Бекјарев испратена до режисерот Јордан Дуков пред два дена гласи: „Ќе помине и ова, какви коментари има нашиот филм?“

Инаку, татко му на Иван, Георги пред Втората светска војна дошол во Белград, како ерген, на дошколување за банкарски службеник. По распоред, го праќаат во Крагуевац на работа. Кога решил да се жени, дошол во Гевгелија и ја зел убавата гевгеличанка Радмила. Во април 1946 година им се раѓа синот Иван. Ивановиот татко 1952 година е службено преместен во Краљево. По завршувањето на основното училиште се запишал во Шестата белградска гимназија, а потоа и на Факултетот за драмски уметности. За приемен на факултет го спремале Миќа Томиќ и Оливера Марковиќ.

Првата улога на филм ја одиграл 1967 година, во филмот „Боксерите одат во рај“, каде главната улога ја толкувал Мија Алексиќ. Славата ја стекна со улогата на Вујковиќ во ТВ серијата „Бањица“ (1984) и Стевица Курчубиќ во ТВ серијата „Подобар живот“ (1987, 1990).

Тој играше во повеќе од 150 улоги во театарот, од кои околу 60 во Југословенско драмско позориште, каде што беше актер 33 години. Како гостин, тој играше главни улогии во други белградски театри, како и во неколку театри во Србија. Снимил над 50 филмови во поранешна СФРЈ, Данска, Италија итн. Избран е за член на Академијата за филмски уметности и науки (АФУН). Љ.А.