„Несоодветно за на работа“ и настап на „Тајгер лилис“ утре на МОТ

65

Програмата на 44. издание на Млад отворен театар (МОТ) за петок (20 септември) продолжува на сцената на Драмски театар со претставата „Несоодветно за на работа“.

Светски познатиот актер, режисер и професор Доналд Ворен Мофет ја поставува „Несоодветно за на работа“ по текст на Луси Кирквуд.

– Низ серија екстремно луцидни и, за жал, на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од корпоративното, во случајов, медиумско секојдневие, во ‘Несоодветно за на работа’, Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество, прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација, која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. Како и вообичаено, и самите жени често се покорни или амбициозни соучеснички во борбата, чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена – се вели во најавата за претставата.

Во склоп на придружната програма на МОТ со почеток од 22 часот во МКЦ ќе настапат култните „Тајгер Лилис“, кои за првпат доаѓаат во Скопје.

– За ова посебно шоу, славејќи 30 години во бизнисот, номинираните за Греми, ‘кумови’ на алтернативното кабаре – „Тајгер лилис“ ќе настапат со новиот албум. Нивниот свет е мрачен, чуден и разновиден, со моменти на длабока тага, суров црн хумор и неверојатна убавина. Музиката што ја произведуваат е мешавина од предвоено берлинско кабаре, анархична опера и ромска музика, повторувајќи ги гласовите на Бертолт Брехт и Жак Брел – наглсуваат од организацијата на МОТ.