Неповторлива фузија на електронска и класична музика на Антички

335

Како што и најави диригентот Џијан Емин, досегашната соработка што ја имаат со Хуан Аткинс создаде вистински музички спектакл

Македонската филхармонија, под диригентската палка на Џијан Емин и американскиот музичар, и диџејот Хуан Аткинс на сцената на Античкиот театар во Охрид одржаа одличен концерт, спој на електронска и класична музика, дополнет со разни аудиовизуелни ефекти, нудејќи футуристичко, мултисензорно доживување за целата публика. Како што и најави диригентот Џијан Емин, досегашната соработка што ја имаат со Аткинс создаде вистински музички спектакл. Светски познатиот креатор на електронска музика Аткинс вели дека уште на пробите, кога го слушнал она што го компонирал пред 20 години, со електронски инструменти, во изведба на оркестарот на Филхармонијата му се насолзиле очите.

Она што во светот на електронската музика Аткинс го создавал во текот на изминативе неколку децении звучеше различно со аранжманите на Џијан Емин. На изведбата зазвучеа ударни инструменти, самиот диригент Џијан изведе негови соло-импровизации на клавијатури, а посебен впечаток оставија и двата одлични женски вокали.

Проектот „Ориџинејтор“ е инспириран од желбата за создавање уникатно музичко-сценско дело, во кое главни протагонисти се Аткинс и Македонската филхармонија, под уметничко раководство на виртуозот Емин, преточени во неповторливо доживување под отворено небо. Аткинс е музичар кому му се припишува заслугата за креатор на техно-музиката, позната како детроитско техно, откако тој и техно-кокреаторите Дерик Меј и Кевин Саундерсон го формирале познатото трио често нарекувано „Белвил три“.

Џијан Емин застана зад пултот со Македонска филхармонија во повеќе значајни проекти изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста. На пример, масовните концерти „Скопје за Боуви“ и „Пинк флојд“ во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техно-сцена Дерик Меј и повторно Македонската филхармонија, проект со што прошета низ светот (САД, Австралија, Франција), потоа се памети и настапот со Белградскиот симфониски оркестар.

Соработката со американскиот диџеј Хуан Аткинс е уште еден експериментален влог во кој фузијата на електронската и класичната музика се покажа мошне инспиративна.