На СВП ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“

34

Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2018 година на 57. Струшки вечери на поезијата ќе биде соопштен денеска на прес-конференција.

Наградата се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик напишана меѓу два фестивали. Во потесен избор се стихозбирките „Небесна пантонима“ од Зоран Анчевски, „Под Дервишовото сиќе“ од Андреј Ал Асади, „Гласови“ од Јордан Даниловски, „Остави ме да си доиграм“ од Јовица Ивановски и „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска.

Авторите на петте книги што влегоа во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ вчера го претставија своето творештво, а најдобрата книга ќе биде преведена на англиски јазик.

На програмата денеска е меѓународното поетско читање „Матине“, поетски портрети, поезија на пат, ноќите без интерпункција…

Фестивалот ќе заврши в недела со манифестацијата „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.

На годинашните 57. Струшки вечери на поезијата учествуваат 30 поети од 29 земји и 50-тина поети од Македонија.