На „Роденден“ и промоција на „Радио“ од Љупчо Јолевски

521

Со изложба на спектакуларни фигури од пластелин, изработени од 9-годишниот Максим Цветановски и со работилница за деца предводена од ликовниот уметник Доротеј Нешовски, во 18 часот, вечерва, во Детскиот креативен центар при Младинскиот културен центар, ќе започне уште едно издание на манифестацијата „Роденден“. Во исто време во Џебното кино почнува и бесплатниот филмски маратон, најавен како „Љубовна филмска ревија“, каде што ќе бидат прикажани некои од ремек-делата на кинематографијата „со емотикон срце“ меѓу кои се и: „Изгубени во преводот“ и „Казабланка“.

За 20 часот е најавено отворање на изложбата од Музејот на раскинати врски во Загреб, кој по 11 години повторно гостува пред македонската публика, а за 20.30 часот отворање на изложба на Сашо Димоски.

Во киното „Фросина“ во 20.30 часот ќе биде промовирана книгата „Радио“ на новинарот Љупчо Јолевски. Во оваа книга на повеќе од 700 страници се содржани повеќето од интервјуата, кои авторот ги направил со врвни имиња од македонската културна сцена во последните пет години направени за Радио Слободна Европа. По 21.30 часот ќе се одржуваат музички концерти, поетскиот перформансот „Песнило 2019: Литература на вриење“ со млади и не толку млади поети и поетеси, а овој „Роденден“ ќе заврши со „Музика за раскинување, или слатко горчлива сонична романса“ со диџеј парот – Виолета Качакова и Мирко Попов.