„На работ“ – успешно „лутање“ низ сопствен јазик

535

Во галеријата „Акантус“ се изложени дела на младите уметници: Ана Трајковска, Илија Прокопиев, Доротеј Нешовски и Ива Станковска

 „На работ“ е насловот на изложбата на дела на четворицата млади современи уметници: Ана Трајковска, Илија Прокопиев, Доротеј Нешовски и Ива Станковска, со која галеријата „Акантус“ успешно ја почна годинава. Кураторката Дијана Томиќ пред отворањето посочи дека овие уметници блиски по третманот, секој на свој начин во традиционална техника, цртеж, сликарство, графички отпечаток, објект-скулптура, но на еден нетипичен начин излегуваат од рамката на ограничувањата и со право укажа дека нивното искрено задоволство при ова презентирање ќе се почувствува во предизвикот што го носи уметноста, „лутањето“ низ сопствен јазик. Таа, меѓу другото, истакна и дека галеријата со оваа изложба „загатнува прашања и проблематики во исцрпените емотивни забелешки, уметниковите грижи, однос човек – град, човек – природа, човек – човек“. Изложбата на младите уметници ќе може да се погледне до 10 март.

Запрашани како го доживеаја предизвикот да бидат дел од неа, уметниците деновиве со задоволство ги споделија своите искуства, но и укажаа на некои специфики.

– Лично ми претставува задоволство по покана од „Акантус“ да учествувам во една типична, за современо општество изложба, која има потреба да искусува разни гледишта и поставки за уметноста, но нетипична за традиционалноста во „изборот на материјалот“. Специфично за оваа изложба е што нуди визуелно вклучување на секој гледач, размислувајќи го просторот благодарение на кураторката Дијана Томиќ. Важно е дека публиката е млада и имајќи можност да го преиспитува просторот и себеси, фрла зрак на препознавање и комбинирање на уметниците и нивното творештво во сличен и не толку сличен сензибилитет – вели Доротеј Нешовски, кој како уметник во изминатиов период е фокусиран на детската ликовна едукација во познатиот „Детски креативен центар“ при Младинскиот културен центар, каде што одржува работилници во повеќе дисциплини, меѓу кои е и новата работилница со писателката Билјана Црвенковска за креативно пишување и создавање приказна преку цртеж. Во овој период тој е ангажиран и на курсот по цртање и сликање за возрасни и деца во школата „Џолев и уметностите“. Нешовски посочи и дека моменталните интереси му се насочени кон воспоставување нова продукција, која ќе се занимава со нови географски зони, нови урбани ментални мапи, со социјална инклузија, истражувачка дејност и креативна спонтаност…

– Самиот наслов на изложбата, како и безбројните теми и ликовни прашања што произлегоа од него ме натераа да размислувам надвор од границите на форматот и очекувањата од една традиционална техника, и како да ја применам на еден посовремен начин, па затоа така излегувам од таа рамка на ограничувањата. За специфичното искуство од неа, ќе одвојам дека ми е чест да учествувам и да соработувам со овие млади автори и со кураторката, кои се доста активни и иновативни на нашата уметничката сцена – рече Ана Трајковска, која во овој период е на магистерски студии на Одделот графика кај професорот Зоран Јакимовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа нагласи дека овој период повеќе го посветува на „експерименталниот аспект и на сите технички предизвици што си ги создава“, а цел ѝ е да излезе од сите конвенционални сфаќања и очекувања од традиционалната графика. Особено е посветена на подготовките на нејзината прва соло-изложба.

– Со оглед на тоа што ретко практикувам да правам изложби или да бидам дел од групни изложби, одлуката да бидам дел од оваа изложба најмногу беше токму поради изборот на авторите. Освен Доротеј, кој е одличен уметник, а со кого сум и веќе соработник, Ива и Ана се млади и многу талентирани авторки и да се биде меѓу нив тројца е веќе предизвик – рече Илија Прокопиев, укажувајќи дека професионалниот ангажман му е повеќенасочен. Од една страна, заедно со Марија Христова се фокусирани на новите проекти на издавачката куќа за уметнички книги и сродни публикации „Прајват принт“, а од друга страна, како што рече, „постојано црта“. Моментално Прокопиев работи на нови цртежи во голем формат.

– Секоја изложба на која учествувам ми е предизвик. Првенствено поради тоа што моите слики скоро секогаш се наменети за специфични локации и нивната поставка во простор е исто така дел од создавањето. Во однос на „На работ“, тешко ми беше да се одлучам само за една просторија за изложување и за само еден начин на осветлување, бидејќи сликите секојпат изгледаат различно и сите варијации на заземање простор во просторот покажуваат ново дело. Но, благодарение на кураторката добивме една суперизложба – рече Ива Станковска.

Главниот ангажман на оваа млада уметница во овој период ѝ е работата на првата самостојна изложба со наслов „Сѐ што е црвено е добро?“, која ќе биде отворена на 13 март, во 20 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности. Тоа, всушност, е награда од истиот факултет, а темите што ќе ги опфати изложбата, нагласи Станковска, се ликовните проблеми во смисла на техниката и материјалите, теми за случајноста, за (не)среќата, за суеверијата, за големите прашања…