На Маркови кули им е потребно компјутерско снимање

389

Културниот предел Маркови кули во Прилеп е резултат на повеќевековна интеракција помеѓу луѓето и природно оформениот пејзаж. Тој е комплексен бидејќи претставува уникатен и неделив спој на културни и природни содржини и заради тоа се неопходни многу високо ниво на свест и унапреден комплексен и можеби уникатен приод кон заштитата, промоцијата и максималното искористување на потенцијалите за научна експлоатација. Ова секако е невозможно без примена на современа компјутерска и опрема за топографско и визуелно снимање на теренот, вели Христијан Талевски, асистент-истражувач од Институтот за старословенска култура во истиот град.
Тој напоменува дека компјутерската технологија нуди безброј можности, но првите чекори треба да бидат во доменот на создавање база со податоци за природните и за културните содржини детектирани на просторот.

– Неопходно е преку примена на методите за фотограметриско снимање, ласер скенер, геомагнетни и георадарски скенирања како и преку создавање географски информациски систем за природните и за културните содржини да се сними и да се документира постојната состојба. Ова ќе биде темел и двигател на речиси сите други активности поврзани со мониторирање на пределот и позицијата од каде што треба да произлезат повеќето развојни компоненти. Должноста за високо ниво на третман на заштитеното добро е уште понагласена со тоа што уште во 80-тите години на 20 век на тој простор се правени фоторепродуктивни снимања со тогаш најсовремена достапна технологија и е востановена за тоа време исклучително напредна методологија за третман на културните содржини на просторот. Се чини најдрагоцен производ ќе биде применетата методологија во реализацијата на сите активности, која потенцијално би се применувала и врз други заштитени добра. Визијата за иднината и нивото на свест се на многу високо ниво, но приказната не застанува тука, зашто неопходно е реализирање на голем број конзистентни и комплементарни проектни активности во состав на поширока програма – додава Талевски.

Во прилог на тоа, смета овој истражувач, е неопходна безрезервна јавна и „политичка“ – државна поддршка за да се насочат и фокусираат стручниот и научниот потенцијал при идното третирање на културниот предел.

– Во суштината на повисокото ниво на третман и заштита на природното и на културното наследство лежи неговото осознавање, а иницијалното и континуирано осознавање треба да ја елиминира секоја можност, дури и за ненамерно деструктивно и дегенеративно дејствување. Во најблиска иднина ќе се преземат суштински активности во прилог на прогласување на доброто за културен предел, како и за негова номинација за место на листата на трајно заштитени добра или на листата на геопаркови на УНЕСКО – објасни истражувачот.

Токму во таа насока водат и предвидените активности во состав на реализацијата на проектот „Акт енд протект“ на општината Прилеп, каде што Институтот за старословенска култура се јавува како партнер и координатор. Проектот е финансиран од Европската Унија, во состав на програмата за зголемување на капацитетите за управување со заштитени подрачја, а се имплементира преку УНДП.