„На враќање“ – четврти роман на Фросина Пармаковска

45

„На враќање“ – четвртиот роман на Фросина Пармаковска, е промовиран деновиве од Октај Ахмед и од Душко Крстевски.
– Пишувањето роман бара трпение и посветеност, а пишувањето добар роман бара и талент за привлечно и деликатно раскажување на приказната. Нема сомнение дека Фросина ги има и едното и другото во овој нов, возбудлив спој на конкретното и универзалното, на судбинското и рационалното, на патувањето и враќањето во домот – вели Елизабета Баковска за книгата.

Фросина Пармаковска дипломирала на Филолошки факултет, Катедра за општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на културолошки студии, на темата „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 г. го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“.

Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“, влезе во финалето за наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Преведен е на бугарски и на украински јазик. „Одбројување“ е нејзин трет роман, за кој ја доби наградата Роман на годината за 2017 година. Во 2018 година, на Саемот на книга го добива признанието за најуспешен домашен автор што го доделува Македонската асоцијација на издавачи. Неодамна излезе нејзиниот четврти роман „На враќање“, во издание на „Или-или“.