Националната опера и балет на фестивалот „Охридско лето“

71

Националната опера и балет и оваа година ќе биде дел од програмата на 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ со оперски гала-концерт. Вечерва, со почеток во 21 часот, во предворјето на црквата „Св. Софија“ – Охрид, ќе настапат солистите на Националната опера и балет: Весна Ѓиновска-Илкова, Борис Трајанов, Благој Нацоски, Наде Талевска, Ирена Кавкалевска, оркестарот на НОБ под диригентска палка на Бисера Чадловска, а концерт-мајстор е Климент Тодорски.

На фестивалот „Охридско лето“ редовни гости се солистите, диригентите и ансамблите на Националната опера и балет. Впрочем, првиот настан на „Охридско лето“ на 4 август во далечната 1961 година е солистичкиот концерт на нашата оперска примадона Aна Липша-Тофовиќ, мецосопранистка. Тој податок кажува доволно за посветеноста и респектот што ансамблите на Националната опера и балет ги имаат кон фестивалот „Охридско лето“.