Нада Прља со „АдаН во градот на огнот“ во МСУ

50

Во Музејот на современата уметност – Скопје утревечер во 20 часот, ќе биде отворена изложба на Нада Прља со наслов „АдаН во градот на огнот“.

Во рамките на инсталацијата инкорпорирани се стрип, скулптура, цртежи, графити и дела позајмени од колекцијата на МСУ.

Под влијание на глобалната криза, што подразбира дека можниот крај не е само имагинарен, Нада Прља на изложбата поставува редица прашања што рефлектираат на нашите состојби во светот денес, но и прашања што се однесуваат на тоа што значи да се биде уметник денес.

Една од основните дилеми е како и што да се создава кога сите ресурси забрзано се исцрпуваат и кога на производството нови добра и нови вредности се гледа како на исклучок.

-Со оваа изложба ги пренесувам посетителите во замислената 3030 година, каде што нашата цивилизација веќе исчезнала и настанала нова, која нема информации за нас. Користам алегорија со желба нашиот поредок да биде преиспитан од една неутрална точка. Новата цивилизација откопува збирка уметнички дела, создадени и собрани од страна на АдаН (мој псевдоним Нада-Адан) пред цивилизацијата на АдаН да исчезне засекогаш во претпоставениот ден 20.2.2020. Оваа уметничка постапка има цел негирање на понатамошното искористување други материјали во процесот на креирање нови уметнички дела како едно од можните решенија за светската криза во рамките на уметничкото создавање – вели Прља.

Изложбата е обид да се постават и промислат овие прашања и обид да се побараат нови креативни методи соодветни на светот во кој живееме. Адан нуди три модели на создавање: со позајмување уметнички дела да се рефлектира на субверзивен начин на историјата; со повторна употреба или рециклирање на материјалите и идеите од позајмените дела, па дури и од сопствените дела; и, конечно, со демистификација или деуметнификација на уметничкото дело и негово отворање за друга употреба.

Изложбата ќе биде отворена сè до 21 февруари 2020 година.