Уметницата Нада Прља, претставничката на Македонија на минатото, 58. Биенале во Венеција, на 9 јануари во Париз одржа презентација на македонската современа уметност, во рамките на истражувачкиот проект „Уметност на Истокот, 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“.

Преку практични примери од современи уметници од Македонија, Нада Прља на публиката во галеријата „Ерик Дипон“ ѝ понуди увид во уметничката сцена на земјава како дел од севкупното културно живеење. Презентацијата „Низ затемнетата црвена и жолта призма: модерна и современа уметност во Македонија“ беше фокусирана на дела на уметници како што се Ѓорѓе Јовановиќ, Јане Чаловски, групата „Опа“, Христина Ивановска, Кристина Божурска, Зорица Зафировска, Никола Узуновски и самата Нада Прља, која наедно го истакна и значењето на колекцијата на Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје, создадена во периодот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, од донација и солидарност на многу земји. Меѓу нив е и Франција, која на Музејот на современата уметност во Скопје му подари повеќе од 200 дела од 153 уметници што живееле и работеле во Париз во 60-тите години на минатиот век.

Целокупната колекција, според Нада Прља, одиграла важна улога во подигањето на културното ниво и во разбирањето на современата уметност како еден од битните елементи во создавањето на општото културно милје во Македонија.
Нада Прља ја издвојува таа музејска колекција, односно делата на македонските автори Јордан Грабуловски, Борко Лазевски и Борис Николовски, и како инспирација за својата изложба „Субверзија во црвено“, со која се претстави во Павилјонот на Македонија на 58. Биенале на уметноста во Венеција. Поради тоа, на презентацијата во Париз се осврна и на тие дела, како и на самото претставување на својата земја на Биеналето.

Дела на тие и на други уметници од колекцијата на скопскиот МСУ, како што се Димитар Манев, Јордан Грабуловски и други, моментално се изложени во МСУ во Скопје како дел од самостојната изложба на Нада Прља „АдаН во земјата на огнот“, која е отворена до 20 февруари. Меѓу делата на изложбата на Нада Прља е и делото на истакнатата српска уметница Олга Јевриќ „Д’ Волтед форм“ („The Vaulted Form“, 1964/1965), кое повторно е изложено по неколку години. Според Нада Прља, делата на Олга Јевриќ ѝ биле инспирација за делото „Колекција: Таа прави што сака 1“, кое е составен дел на изложбата „АдаН во земјата на огнот“. Делата на двете уметници се претставени на изложбата едно покрај друго, а според зборовите на Нада Прља, претставуваат паралели што се насочени кон преиспитување на културните практики и слободата на уметничкото изразување во 60-тите години на 20 век – во периодот на активното творештво на Олга Јевриќ, како и на современото уметничко дејствување и промислување, во кое работи самата таа. Тоа уметничко преиспитување исто така беше предмет на излагањето на Нада Прља на презентацијата во Париз.

Во оваа пригода Нада Прља ја претстави и актуелната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ во скопскиот МСУ, чии кустоски се Мира Гаќина и Јованка Попова, а зборуваше и за позицијата на другите активни кустоси од Македонија, како што се Небојша Вилиќ, Ана Франговска, Ивана Васева, Зоран Петровски, Владо Јанчевски… Наедно, беа споменати и интересни иницијативи и активности, како што се фондацијата „Опа“, „Приват принт“, „Големото стакло“, фестивалите „Акто“ и „Крик“ …
Пресекот на македонската уметничка сцена, кој е прикажан во делото „Критичката уметност во Македонија“ на Џон Блеквуд, исто така беше тема на презентацијата на Нада Прља во Париз, која е дел од истражувачкиот проект за источноевропската уметност 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, со кој раководи Игор Соколгорски, за Лабекс КОМОД, под покровителство на Универзитетот во Лион и во партнерство со галеријата Ерик Дипон.

Презентации на тема уметноста на Истокот на Европа триесет години по падот на Берлинскиот ѕид веќе одржаа во рамките на тој проект Виктор Мисиано, претставувајќи ја Русија, Алиса Лозшкина (Украина) и други. Нада Прља, која дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и магистрира на студиите по филозофија на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон, моментално живее и работи на релацијата Скопје – Лондон – Копенхаген. Преку различни медиуми (инсталации, видео, проекти во јавен простор) се занимава со теми за нееднаквоста и неправдата во современото општество, отворајќи голем број прашања за актуелните политички и економски состојби, за национализмот, за транзицијата во поранешните социјалистички земји, за човековите права, за миграциите… Изложувала на повеќе од 20 самостојни и стотици колективни изложби во Австрија, Ирска, Франција, Варшава, Велика Британија, Словенија… Учествувала и на Берлинското биенале, на „Манифеста“, на Графичкото биенале во Љубљана…