Музички приказни – „Ода на радоста“

831

Во 1824 година Лудвиг ван Бетовен (1770-1827) ја напишал својата последна, деветта, симфонија. Со неа тој вовел ново толкување на симфонизмот, првпат вметнал човечки гласови во бастионот на инструменталната музика – во четвртиот став напишал делници за четири пејачи и мешан хор. Придружувани од голем симфониски оркестар (најголем во дотогашната историја на музиката, а и најгусто и најнеконвенционално оркестриран) тие ја изведуваат „Одата на радоста“, базирана врз стиховите на Јохан Кристов Фридрих фон Шилер (1788-1805). Поемата го слави единството на човештвото, а заедно со музиката на Бетовен ги слави и единството и величественоста на уметноста.

Деветтата симфонија била праизведена во Виена на 7 мај 1824 година. Бетовен првпат по 12 години застанал зад диригентскиот пулт. Една анегдота вели дека Бетовен бил толку внесен во музиката, која треперела во неговата душа, а која заради глувоста, не можел да ја чуе, што, по завршувањето на музиката тој продолжил да диригира. Еден од солистите му пришол и го завртел кон публиката, која егзалтирано ракоплескала, а потоа воодушевените слушатели почнале да ги фрлаат во вис шапките и шаловите, за Бетовен да може да ги види нивната возбуда и задоволство.

Речиси два века „Одата на радоста“ ги плени слушателите низ светот. Освен на концертните подиуми, каде што е професионален предизвик за сите музичари, таа својата порака ја пренесува и на разни други начини. Во 1972 година Советот на Европа ја прогласил за своја химна, а во 1985 и Европската Унија исто така. „Одата на радоста“ ги одбележала и студентските протести на плоштадот „Тјенанмен“ во Пекинг, како и демонстрациите против диктатурата на Пиноче во Чиле. Врвниот маестро Леонард Бернштајн ја диригирал кај Бранденбуршката капија по повод падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, а пијанистот, диригент, филантроп и пацифист Даниел Баренбоим на одбележувањето на 25-годишнината од овој историски момент за обединувањето на земјите во Европа.

Еднаш одамна некаде прочитав (парафразирам): „Одата на радоста“ е како виножито – сјајна, блескава и стварно-нестварна, недопирлива, а толку блиска“.

Лада Шоптрајанова Петровска