Музичките приказни објавувани во „Нова Македонија“ во книга

182

Излезе од печат „Сновење“ на Лада Шоптрајанова Петровска

Од печат излезе книгата „Сновење (музички приказни)“ од авторката Лада Шоптрајанова Петровска. Книгата е објавена во едицијата „Виртус“ на издавачката куќа „Или-или“. Од 2017 до 2020 година авторката соработува со весникот „Нова Македонија“, во кој еднаш седмично има своја рубрика, насловена „Музички приказни“, кои сега се преточени во книга.
„Сновење“ е збирка од 52 приказни во кои авторката на префинет и читлив начин ни ги раскажува приказните за најголемите создавачи во музиката (Моцарт, Верди, Пучини, Дебиси, Бетовен, Сибелиус, Чајковски, Рахманинов, Шостакович), за нејзините сосоздавачи, изведувачи, кои биле или не биле наши современици (Паганини, Калас), сè до приказните за нам временски блиските (Пјацола, Коен и Шпато).
– Во секоја „приказна“ има приказна – има делче од нечиј живот што го препознаваме како наш. Токму тоа давање живот на познатите и многупати преслушувани музички дела е тоа што ги прави овие редови посебни. Во современата униформираност, површност, забрзаност и избрзаност, во трката со времето и заборавањето на себе, Шоптрајанова Петровска нè поттикнува да си дадеме малку време за себе, да си погледнеме во срцата, да си го чуеме сопственото срце и да се препознаеме во величественоста на музиката за која пишува – вели Славица Бабамова.
Според Оливера Ќорвезироска, ракописот на Лада Шоптрајанова Петровска е пребогат и како книжевен и како музички поттекст.

– Како материјал, како краткотрајно задоволство напоено со знаење и компетенција. Повлекува врски и со филмот (конкретно во записите за Пучини и Моцарт), со ликовната уметност (Алма Малер – Густав Малер – Оскар Кокошка – Климт)… Шоптрајанова Петровска музичките дела ги ситуира во широко сензибилни контексти и тоа директно резултира со читливост, висока приемчивост на текстот – вели Ќорвезироска.
Лада Шоптрајанова Петровска образованието го комплетирала на ФМУ во 1994 година. По образование и професија е виолинистка, а дополнително, по вокација – филигранистка и екологистка. Од 1993 година е надворешна соработничка во Македонската филхармонија, а од 1995 до 2019 година нејзин редовно вработен член.