Музичкиот Колумбо на Месечината

301

Лада Шоптрајанова Петровска


Кога Дворжак ја открил американската изворна музика, го видел пред себе истото она што го видел Колумбо кога ја открил Америка – еден сосема нов свет, нова цивилизација, нова култура.
За чешкиот мајстор на симфонизмот Антонин Дворжак (1841-1904) карактеристично е користењето фолклорни мотиви, цитати и парафрази во класичниот романтичарски композиторски стил. Додека живеел во родната земја, словенската музика оставила свој белег во неговото творештво. Кога во 1892 година се преселил во Њујорк, каде што бил директор на Националниот конзерваториум за музика, бил фасциниран од афроамериканската и од индијанската музика. Иако се чувствувал тегобно во, за него, премногу урбаниот и раздвижен град наспроти спокојот на родината, тој творел со несмален жар. Во 1893 година ја напишал својата последна, деветта симфонија (има нешто волшебно и истовремено мистично во деветтите симфонии кај повеќе автори – Бетовен, Малер, Шуберт, Брукнер) насловена „Од новиот свет“. Во стандардната циклична четириставачна форма вметнал нов музички израз, инспириран од музиката на „новиот свет“ во кој живеел. Низ ставовите на симфонијата Дворжак, со користење пентатоника, намалени септакорди и синкопирани ритми, се повикува на спиритуалите пеени на плантажите за памук на југот на САД; некаде се насетува свадбената музика на Индијанците староседелци; делови од музиката се инспирирани од поемата „Песната на Хијавата“ на Хенри Вадсворт Лонгфелоу. Разноликоста на американското културно наследство успеал да ја вткае во прекрасна хармонија со словенската душа.
Својата блескава премиерна изведба оваа симфонија ја имала во декември 1893 година во „Карнеги хол“ во Њујорк. По секој став, спротивно на непишаниот концертен бонтон, следувал експлозивен аплауз и овации. Оттогаш, па сѐ до денес, оваа симфонија восхитува со секоја нова изведба.
Музиката на „Од новиот свет“ стигнала и до Месечината. На својата мисија со „Аполо 11“ во 1969 година, Нил Армстронг со себе понел една снимка од ова ремек-дело.