Музиката наспроти предрасудите

131

Во првите години по создавањето, младата држава Израел почнала да се гради од нула. Под напливот на фашизмот и антисемитизмот, Евреите протерани од различни страни на светот се населувале во новооформената држава и во неа нашле прибежиште, своја нова татковина. Евреите се познати како народ исклучително талентиран за музика, многумина од новите Израелци биле и професионални музичари. Желни да продолжат да го работат она што најдобро го знаеле, го формирале првиот симфониски оркестар, со седиште во Ерусалим и со назив Палестинска филхармонија. Бидејќи концертна сала не постоела, настапувале во импровизиран простор, голем шатор, и полека почнале да го градат културниот живот. Од ваквите скромни почетоци израснала денешната Израелска филхармонија, еден од најдобрите оркестри на денешницата (ако не и најдобриот).

Во тоа време државата немала химна. Музиката што се пеела на свечените или официјалните настани била песна со текст на Нафтали Херз Имбер и со музика на Самјуел Коен, со словенски мелос, базирана на теми на Беджих Сметана. Се разбира дека таа музика била тажна каква што била судбината на Евреите. Тажна, но моќна, го растреперувала сечие срце. Кога во една пригода италијанскиот композитор и диригент Бернардино Молинари (1880-1925) ја чул неофицијалната химна на Израел, понесен од нејзината убавина, решил да ја оркестрира и да им ја подари на оркестарот и на народот. Ова не било само гест на почит кон Израел и музиката, за Молинари ова било начин да се искупи за сопствените гревови што му тежеле на душата. Во времето на холокаустот тој бил поддржувач на фашистичката идеја, а можеби и соработник на Мусолини. Оркестрацијата била врвна, исклучителна. Но оркестарот го одбил овој подарок. Не сакале ништо од непријателот, не сакале ни да чујат за какво мајсторско дело станува збор. Но при едно гостување, партитурата паднала во рацете на големиот Леонард Бернштајн. Воодушевен од моќта на оркестрацијата, пробувал да ги убеди своите израелски колеги да го прифатат подарокот од Молинари. Тие долго се противеле, но на крајот сепак ги победиле сопствените предрасуди и го послушале големиот маестро. Така, државата Израел ја добила својата (оркестрирана) химна.

Приказнава ми ја раскажа маестро Јерухам Шаровски, под чија диригентска палка вечерва (покрај другите дела) ќе ја свирам химната „Hatikvah“, на мојата прва турнеја во Израел.

Лада Шоптрајанова Петровска