Музејот на современата уметност се претставува во Солун

47

Изложбата ја испитува несигурноста во различните социјални, политички и културни контексти поврзани со ранливоста и егзистенцијалната непредвидливост во земјите од Југоисточна Европа

Изложбата со наслов „Сè што ни е заедничко“, во организација на Музејот на современата уметност, во Скопје се претставува во Музејот за современата уметност во Солун, во галеријата „МОМус“ – експериментален центар за уметности до 15 септември.

„Сè што ни е заедничко“ е основното мото во делата на 14 уметници од Југоисточна Европа во рамките на изложбата организирана од МСУ-Скопје, отворена во средата. Изложбата ја испитува несигурноста во различните социјални, политички и културни контексти поврзани со ранливоста и егзистенцијалната непредвидливост во земјите од Југоисточна Европа.

– Видео, сликарство, фотографија и инсталации се медиумите што се користат за да се издигне свеста за општата опасност и да нѐ натера да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да им служат на колективни цели – велат кураторките на изложбата Мира Гаќина и Јованка Попова од МСУ-Скопје.

Поставката ги вклучува делата на уметниците: Ана Адамовиќ (Србија), Лучезар Бојаџиев (Бугарија), Флака Халити и Албан Муја (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу и Антонис Питас (Грција), Рената Полјак (Хрватска), Анри Сала (Албанија / Франција), а од Македонија претставници се Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски.

– Изложбата „Сè што ни е заедничко“ е соработка помеѓу двата музеја како дел од пошироката заедничка програма на МСУ-Скопје со институции и музеи од регионот, Европа и пошироко. Музејот на современата уметност во Скопје на крајот од септември годинава ќе биде домаќин на изложба на дела од колекцијата од музејот на современата уметност „МОМус“ од Солун – најавува Мира Гаќина, директорка на МСУ.