Музејот на современата уметност прелистува дела од колекцијата

370
Христо Јавашев со „Спакувана уметничка галерија во Берн“ од 1968 г.

Музеите се затворени, но нашата комуникација продолжува. Остануваме отворени преку социјалните мрежи. Во овие две недели ќе „прелистуваме“ дела од колекцијата, порачаа од Музејот на современата уметност во Скопје. Со ова, МСУ му се приклучи на светскиот тренд на онлајн-прикажување дела од колекциите на музеите

Музеј на современата уметност во Скопје му се приклучи на светскиот тренд на онлајн-прикажување на дела од колекциите на музеите, преку виртуелна обиколка или постирање дела на социјалните мрежи, поради пандемијата на коронавирусот. Повеќе светски музеи нудат виртуелна прошетка низ своите поставки, меѓу нив се Британскиот музеј од Лондон, „Гугенхајм“ во Њујорк, Националната галерија на Вашингтон, „Орси“ во Париз, Националниот музеј на модерната и современа уметност во Сеул, „Пергамон“ во Берлин, „Ријксмуззеум“ и „Ван Гог“ во Амстердам, „Пол Гети“ во Лос Анџелес, „Уфици“ во Фиренца, „Масшп“ во Сао Паоло и Националниот антрополошки музеј во Мексико.
Бидејќи скопскиот МСУ сѐ уште ја нема оваа можност, тие одлучија своите највредни дела да ги понудат на социјалните мрежи со кратко објаснување на делото и авторот, за да се потсетиме на исклучителната збирка што ја поседуваме, како и поквалитетно да го поминеме времето на домашна изолација.
– Музеите се затворени, но нашата комуникација продолжува. Остануваме отворени преку социјалните мрежи. Во овие две недели ќе „прелистуваме“ дела од колекцијата на Музејот – порачаа од Музеј на современата уметност во Скопје.
Прв беше претставен Дејвид Хокни со „Портрет“, цртеж од 1967 година.

– Ви го претставуваме цртежот на еден од најпознатите живи уметници во светот, Дејвид Хокни, кој му подари две свои дела на музејот, а во Скопје беше претставен уште на почетокот на кариерата, преку групна изложба, во 1964 година. Хокни му отстапува на Скопје портрет на кој е претставен неговиот долгогодишен партнер, Питер. Циклусот на цртежи портрети на Питер беше препознатлив дел на ретроспективната изложба на „Тејт“ во Лондон, во 2017 година: Питер се лути, Питер спие, Питер трча. Скопскиот Питер ја чита „Смрт во Венеција“ од Томас Ман, на палубата на луксузниот брод „Квин Елизабет“, на патот од Америка кон Британија. Парот се враќа дома, далеку од калифорниските базени – стои во објавата заедно со делото. Пјер Алешински, „Последната голтка“, масло на хартија, 1963 г.

Наредниот ден беше резервиран за уште еден од големите живи и активни автори, Пјер Алешински, младиот Белгиец, кој е најмлад член на Кобра, (КОпенхаген, БРисел, Амстердам), уметничка група што оди чекор понатаму и покрај тоа што рано се распаѓа, го обележува развојот на уметноста во педесеттите и подоцна.
Во овие две недели при „прелистувањето“ на дела од колекцијата на Музејот, меѓу другите е претставен и Христо Јавашев со „Спакувана уметничка галерија во Берн“ од 1968 г. Уште еден голем, жив и активен уметник, кој му подари дело на МСУ Скопје, Христо Јавашев, е натурализиран Американец, роден во Бугарија. Во Скопје е неговиот цртеж-план за спакуваната галерија во Берн, која во 1968 г. на овој начин го одбележи своето 50-годишно постоење.

– Зградата на МСУ оваа година ги одбележува своите 50 години, на 13 ноември, ќе најде ли време Кристо годинава, откако ќе заврши со пакувањето на Триумфалната капија во Париз, да спакува, да стерилизира нешто и овде? Не е дека недостигаат големи градби и споменици, кои чекаат да бидат заштитени од нашиот поглед – прашуваат од МСУ.