МСУ во посета на Лоџ и на Амстердам

347

Музејот на современата уметност-Скопје, по одобрениот грант од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за програмата „Еразмус“, оствари посета на музејот „Штуки“ во Лоџ, Полска, и на институтот „Лима“ од Амстердам, Холандија. Програмата, која вклучува едукациски стратегии за надградување на професионалниот кадар, се реализира за потребите на МСУ во сферата на компетентноста на кадарот, следењето на европските структурни димензии и Стратегијата за интернационализација во соработка со актуелни и можни европски партнери.

Во рамките на проектот, кој се реализира во текот на 2017 и 2018 година во Лоџ, во текот на март, тимот на МСУ-Скопје, составен од Мира Гаќина, Јованка Попова и Илиана Петрушевска, оствари работни средби и размена на искуства со директорот на музејот Јарослав Сухан, како и со куратори и стручни лица од изложбениот оддел, одделот за едукација, одделот за конзервација. Музејот доби нови сознанија за одредени нивни искуства и програми, кои кај нас допрва треба да се имплементираат, меѓу кои и иновативни пристапи за доближување на музејските поставки на луѓе со посебни потреби и деца со пречки во развојот.

На програмата за мобилност „Еразмус+“ во Холандија учествуваа двајца куратори и еден конзерватор, Бојана Јанева-Шемова, Благоја Варошанец и Љупчо Иљовски, кои во текот на април присуствуваа на обука за документација, реставрација и презервација на нови медиуми (видео и инсталации) во Амстердам. Притоа се стекнаа со специфични знаења и вештини за најновите методи во кураторската практика и документирање, третирање и презентирање на делата, како и увид во најновите приоди во дигитализацијата и презервацијата на нови медиуми. Обуката беше спроведена преку заедничка работа на конкретни примери од делата на колекцијата на МСУ-Скопје, проследени со предавања, дискусии, работилници за преземање практични чекори, вежби, споделена литература, посета на депото на музејот „Стеделијк“ и другите поголеми музеи во градот.