Мрачната уметност на Бејкон ја открива кршливоста на животот

53

Денес, кога војната веќе не е секојдневие во Европа и поминаа 75 години од раѓањето на неговото ремек-дело, триптихот „Распнување“ (1944), сѐ уште постои силна корелација помеѓу неговиот сликарски опус и времето во кое живееме

Френсис Бејкон се прослави со своите грозоморни слики, кои ја одразуваа сеприсутната и силна меланхолија кај луѓето во времето на завојуваната Европа. Тој беше атеист, но често користеше религиозни теми како триптихот и распетието, небаре пеејќи уметничка литургија за човековото тело и ужасот. Неговите дела како да сакаат да нѐ потсетат – Бог е мртов. Денес, кога војната веќе не е секојдневие во Европа и поминаа 75 години од раѓањето на неговото ремек-дело, триптихот „Распнување“ (1944), сѐ уште постои силна корелација помеѓу неговиот сликарски опус и времето во кое живееме.

Годинава парискиот центар „Помпиду“ е организатор на ретроспективна изложба во чест на Френсис Бејкон. Изложбата се фокусира на доцниот период од кариерата на овој уметник, почнувајќи од 1970-тите, па до крајот на неговиот плодотворен живот, пролетта 1992 година. Во раните години пред овој период, Бејкон бил познат по кошмарни слики, кои прикажуваат измачени човечки души. Но во подоцнежните години, насилните визии беа полека потиснати од посуптилни и порафинирани изрази.

– „Помпиду“ ги изложува делата „Три фигури со мотиви од основата на распнувањето“ и „Слика 1946“. Станува збор за репродукции на оригиналните дела создадени во 1944 и 1946 г., ускладени во една визуелно поблага нијанса. Без оглед на разликите во визуелниот интензитет, сепак е присутна доследноста во идејата на Бејкон да ја прикаже ранливоста на човековите животни состојби – пишува магазинот „Кивоила“.
Френсис Бејкон често е споредуван со Пикасо, најмногу поради употребата на биоморфни форми и страста за голотија. И двајцата уметници еднакво уживаа во цртањето голи музи, каде што моделите не мораа да имаат реални човечки фигури. Во фазата на кубизмот и по неа, Пикасо ги прикажуваше човечките тела како нереалистични биоморфи. Учејќи од Пикасо, Бејкон ја распарчи градбата на телото.

Додека Пикасо црташе женски актови, Бејкон црташе машки. Тој беше опседнат со сексот, па сексуалната страст претставува важен извор на неговата креативност. Во своите слики, тој го опишува сопствениот чин на водење љубов, прикажан во форма на борење помеѓу двајца мажи. Оваа често повторувана тема првпат се појави во периодот кога Бејкон ја создаваше колекцијата „Вресок во ужас“. Преку сликата на борење, каде што насилниот чин се преклопува со оној сексуалниот, уметникот го опишува длабоко насилниот карактер на неговата љубов со партнерот.
Бејкон беше и мазохист; тој им се радуваше на болката и насилството во љубовта. Оваа ориентација беше стекната во време на неговото искуство како адолесцент. Неговиот строг татко го камшикуваше во обидот да го поправи неговото женствено однесување. Самиот Бејкон во една пригода призна дека го мразел својот татко, но исто така бил и сексуално привлекуван од него.

Првиот љубовник на Френсис е Питер Лејси, кој беше познат како екстремен садист. Историчарот на уметноста Џон Ричардсон напиша: „Во состојба на алкохолна деменција, Лејси го исфрли Бејкон низ стаклото на прозорецот. Неговото лице беше толку оштетено, што десното око буквално мораше да биде зашиено на своето место. Но по ова, Бејкон дури уште повеќе го засака Лејси.“ Неговиот копнеж по насилен секс беше инспирација за сликите во кои има машко борење. Истиот интензитет на сексуална желба се појавува повторно и во „Триптих 1970“. Атлетските тела се деформирани, а екстремитетите тешко се распознаваат. Моделот што му позирал на Бејкон за ова дело е Џорџ Дајер, кој тогаш бил негов љубовник. Дајер често му беше муза на Бејкон во периодот кога тој се префрли од екстремни содржини кон портретирање блиски пријатели.

Сликарот го запозна Џорџ Дајер во 1963 година, додека стоеше покрај шанкот во една кафеана. Дајер беше воспитуван како типичен „истендер“ (жител на источниот дел од Лондон). Бејкон веднаш го привлече неговото насилничко држење. Навистина, Дајер беше крадец со неколкукратно затворско искуство, иако подоцна се покажа дека е љубезен човек што сака деца и животни. Портретот на Џорџ Дајер во „Огледало 1968“ го изнесе на виделина неговиот внатрешен крик – сликата прикажува корнење на лицето и обезличување на телото. Бејкон му стана заштитник на овој изгубен млад човек, но тоа не ја задоволи неговата желба за сопствено физичко и ментално уништување, какво што доживеа во врската со Питер Лејси. Неговата љубов кон Дајер полека умираше, па младото момче стана уште понесигурно, втурнувајќи се себеси во алкохолна зависност. Кон крајот на 1960-тите, Бејкон постепено исчезна од животот на Дајер. Во 1971 г., два дена пред ретроспективната изложба на Бејкон во Големата палата во Париз, тие двајцата повторно се сретнаа. Тоа требаше да биде најголемата изложба во неговата кариера. Бејкон му предложи на Дајер да преспие во неговата хотелска соба, но таа ноќ тој мораше да избега од неа, зашто Дајер донесе со себе некое арапско момче-проститутка, чии нозе беа „многу смрдливи“. Следното утро, Бејкон се врати во собата и го најде Дајер мртов на подот во бањата. Испил премногу алкохол и зел преголема доза барбитурати. Стануваше збор за самоубиство.

Бејкон успеа да остане прибран за време на изложбата и доцната вечера со пријатели, но триумфот од постигнатиот успех беше засенет поради смртта на Дајер. Чувството на вина го прогонуваше сликарот до крајот на неговиот живот. Психолошки вознемирен и очаен, Бејкон нацрта серија од триптиси како еден вид комеморација за Дајер. „Црниот триптих“ се состои од три триптиси што го прикажуваат Дајер пред и по смртта. Во текот на целата своја кариера, Бејкон свесно одбиваше да ги образложува и да им дава значење на своите слики, но „Црниот триптих“ е единствениот исклучок од тоа правило. На триптихот „Август 1972“, Дајер залудно се обидува да преживее – тој едноставно се распаѓа. Неговите нозе не можат да ја задржат својата форма, растопувајќи се и исчезнувајќи на подот, додека торзото е делумно заробено од темнината, која се прикрадува одзади. На триптихот „Мај-јуни 1973“, тој конечно е поразен, гол е и седи на тоалетната школка. Темнината владее зад вратата. Таа ја претставува смртта. Сликарот го прикажува последниот момент од животот на Дајер, пред да биде проголтан од црниот свет на смртта.

Бејкон беше и алкохоличар, воден без престан од деструктивната желба за садомазохистичка љубов. Оттаму, ненадејната загуба на блискиот пријател и љубовник го натера да биде потајно свесен за кршливоста на животот како таков. Преку своите автобиографски слики, овој уметник на свој начин ги изразува нијансите на човековата смртност, која постепено го проголта и него. В.Б.Н.