„Монструм“ – втор роман на Јанко Филиповски

23

Јанко Филиповски, на 73 години, пред две години го имаше првиот литературен обид, самостојно го издаде романот „Лузна“, а пролетва, пред читателската публика се појавува со романот „Монструм“. Талентот за пишување го носи уште како средношколец во гимназијата „Панче Поповски“ во Гостивар, кога ги пишува првите песни и раскази. По матурирањето се одлучува да студира на Економскиот факултет во Белград и целиот работен век го минува како стопанственик, но по пензионирањето повторно ѝ се враќа на литературата.

Неговиот втор роман „Монструм“ има предизвикувачки наслов, дејството, описите и дијалозите се течни, а содржината има многу заплети и расплети. До крајот на романот авторот мајсторски ги води дејствата. Содржината е современа тема од денешницата, имињата на ликовите се измислени, а настаните вистинити. Филиповски смислува и перформанс што го изведуваат студенти на Академијата за драмски уметности и режија, наменет за студентите на завршните години на студии на општествените и природните науки.

Во романот како ликови се појавуваат: Аристотел, Платон, Маркс, Хегел, Вебер, Пол Сартр, Питагора, Никола Тесла, Ајнштајн… Дијалогот со нив го води роботот Дул-Блу, а одговорите ги проверува на полиграф. Во завршните поглавја на романот, по една сообраќајна несреќа, се открива монструмот. Романот се чита во еден здив и носи пораки за младите читатели бидејќи ги афирмира македонските семејни традиции и обичаи. К.К.