Монетата на Александар дава нови сознанија за Стибера

286

Од македонскиот период на егзистирање на градот се издвојува уште еден наод, а тоа е теракотна биста на божица со круна на главата, веројатно со претстава на градски ѕидини

Завршија годинашните археолошки истражувања на локалитетот Бедем, Стибера, кај селото Чепигово, проект на Прилепскиот завод и музеј. Се доистражуваше градбата откриена со ископувањата во 2017 година, која била подигната веднаш до храмот на божицата Тихе. Утврдено е дека двете градби се истовремени, односно егзистирале во зенитот на градот Стибера во 1 и 2 век од нашата ера, за време на најголемата моќ на Римската Империја. Претходната година во неа е откриен вотивен бунар, со приближно иста длабочина како оној во храмот. Според тоа откритие, претпоставка е дека и во оваа градба се изведувале одредени ритуални процесии.

Археологот Душко Темелкоски, кустос советник, раководител на проектот, вели дека годинава, сепак, не е доистражена целосно градбата, со оглед на нејзината голема зафатнина поради лимитираните финансиски средства.

– Откривме три мермерни блока со натписи на грчки алфабет (во тоа време покрај латинскиот, и грчкиот јазик претставувал официјален административен јазик во овој дел на медитеранскиот басен). Според натписите, за подигањето на градбата свои средства донирал видниот граѓанин со име Кефалон, син на друг виден граѓанин со име Еубулид, кој, пак, е повеќекратно спомнуван во други натписи откриени во претходни истражувања на Стибера. Во читањето на натписите помогна класичниот филолог од Битола, Весна Калпакоска. Значајно откритие претставува и бронзената монета на Александар Трети Македонски, со што досегашните сознанија за формирањето на градот се поместуваат за најмалку 50 години порано, односно во времето на владеењето на овој крал, во втората половина на 4 век – објаснува археологот Темелкоски.

Од македонскиот период на егзистирање на градот се издвојува уште еден наод, а тоа е теракотна биста на божица со круна на главата, веројатно со претстава на градски ѕидини.

– Според првичните анализи, тоа би можело да е претстава на божицата Тихе, заштитничката на градот. Со оглед што веднаш до новата градба што се истражува е римскодобниот храм на оваа божица, мошне веројатно е уште во македонскиот период, односно најмалку 200 години претходно, да егзистирал стар храм посветен на неа – вели Темелкоски.

Со следните истражувања в година се очекува градбата да се открие целосно. Напластените земјени слоеви врз неа можеби кријат наоди (епиграфски споменици или скулптури), кои ќе дадат конкретен одговор каква била нејзината намена.