МОБ со „Севилскиот бербер“ ќе гостува во Стара Загора

115

На покана од Државната опера од Стара Загора, Македонската опера и балет на 4 декември ќе гостува во тој бугарски град со операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, во режија на Урсула Хорнер од Австрија и под диригентство на Иван Еминовиќ

МОБ со оваа претстава ќе настапи на 49. Фестивал на оперската и балетската уметност во Стара Загора. Фестивалот е основан во 1967 година под името Декемвриски музички денови и оттогаш на сцената гостувале истакнати оперски и балетски солисти и театри од Европа.

– Со учеството на Македонската опера и балет во 2015 година и уште 12 оперски театри од регионот, создадена е таканаречена Балканска оперска мрежа, со цел да се активира соработката помеѓу различни организации во музичко-сценката уметност, соопшти МОБ.

Сценограф на „Севилскиот бербер“ е Марија Ветеровска, костимограф Марија Пупучевска. Во улогата на Фигаро настапува Марјан Јованоски, Билјана Јосифов го игра ликот на Розина, а Благој Нацоски како Гроф Алмавива. Настапуваат и Владимир Саздовски, Невен Сиљановски, Злата Тошевска, Кристијан Антовски, Саша Смилевски и Борко Биџовски, хорот и оркестарот на МОБ.