Млади Европејци – Млада Европа на Балканот

127

Во рамките на проектот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Европска Филмска Театарска и Танцова Академија, ЕФТА-Скопје, „Млади Европејци – Млада Европа на Балканот“, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, утре со почеток во 12.30 часот, ќе се одржи завршната презентација на манифестацијата во објектот на ЈП Македонски железници – Инфраструктура во склоп на Железничката станица Скопје.

По претставувањето на настанот пред младите во Ресен, Крива Паланка, Кочани и Штип, и младите од Скопје ќе можат да се запознаат со програмските активности на новиот културен центар „Млада Европа на Балканот“.

Проектот „Млади Европејци – Млада Европа на Балканот“ е предвиден да претставува своевиден сублимат, односно составен дел од пошироката, годишна програма на Културниот центар „Млада Европа на Балканот“ на Универзитетот за аудиовизуелни уметности во соработка со ЈП Македонски железници – Инфраструктура.

Програмата на настанот ќе биде структуирана врз претставувањето на книгата „Европа наш заеднички дом“ од Жан Моне, во издание на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Скопје:

– Сценскa презентација од страна на млади студенти и специјализанти на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Скопје којашто ќе биде презентирана книгата на Жан Моне „Европа нашиот заеднички дом” во превод на Лилјана Котевска-Плевнеш и со предговор на Амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние.

– Изведба на химната на Европа (Ода на радоста) од страна на студентите на Факултетот за применета музика, при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Скопје, под раководство на професор Дарко Мариновски (пијано).

– Филмска проекција на краткиот филм „Европа мојот идентитет“, резултат од тригодишниот проект изработен од студенти од Македонија, Франција и Германија.

– Изложба на фотографии од студентите на професорите Роберт Јанкулоски и Елена Бојаџиева – „Европа овде, Европа таму“.