Младиот пијанист Арда Мустафаоглу победи на меѓународниот натпревар „ЕМјуз“

708

Македонскиот пијанист Арда Мустафаоглу го освои првото место на меѓународниот он-лајн музички натпревар „EMuse“ организиран од меѓународната асоцијација за уметност „The Muse“ од Атина.

Дваесет и седум членови на меѓународното жири меѓу кои Petras Genusas (Литванија), Elena Kuznetsova (Русија), Lydia Frumkin (САД) и Boris Rozin (Русија), одлучија петнаесетгодишниот Арда Мустафаоглу како првонаграден да настапува на концерт во византискиот музеј во Атина на 30 јуни 2018 година.

Натпреварот „EMuse“ е единствен натпревар во Грција со меѓународни размери за класични музичари од сите возрасти и националности, поради што е поддржан од грчкото Министерство за култура и Министерството за туризам. На овој натпревар, од 2005 година до сега учествувале 920 учесници од 87 држави.

Арда Мустафаоглу, покрај настапот во византискиот музеј во Атина, деновиве ќе настапува и во Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, а ќе има и солистички концерт во Париз.