МКЦ стана дел од европскиот проект „Синерџис“

36

Младинскиот културен центар во 2020 година стана дел од уште еден голем европски проект „Синерџис“, кој се базира на градење одржливи стратегии за креативни меѓународни активности помеѓу музичките сали што дејствуваат на локалната сцена. Проектот има цел да ја истакне важноста на концертните сали и музичките културни центри како главни промотори за развој на млади таленти во Европа, кои претставуваат не само т.н. „инкубатори“ за бендови туку играат и витална улога во развојот на здравиот урбан екосистем.

– Концертните сали се важен дел од урбаните и од приградските населби, удомуваат и прикажуваат различен диверзитет на артисти и музичари, а свое влијание имаат и кон развојот на локалната економија, но и кон зголемување на атрактивноста на градовите во кои дејствуваат. Овој проект има задача да ги адресира актуелните проблеми и тешкотии со кои се соочуваат концертните сали и центри, кои во изминатите години, а особено во последната 2020, се соочуваат со огромни притисоци, финансиски и регулаторни, кои произлегуваат од постојаното флуктуирање на музичките вкусови и трендови кај публиката од една страна, како и промените во развојните урбани трендови од друга – велат од МКЦ.

Со адресирање на овие проблеми и воспоставување одржливи стратегии за соработка помеѓу концертните сали во Европа, со овој проект дополнително ќе се промовира нивната улога и ќе се потврдат и ќе се актуализираат нивното значење и одржливост во големите европски градови партнери. Покрај Младинскиот културен центар, како партнери во проектот се музичките клубови: „Сала икс“ (Шпанија), „Ле гранд микс“ (Франција), „4АД“ (Белгија) и музичкиот клуб „Мочвара“ (Хрватска). Проектните активности ќе се реализираат во текот на 2021 година.