Милчо Манчевски во жири на Филмскиот фестивал во Иран

587

Најтрофејниот македонски филмски режисер Милчо Манчевски е во жирито на меѓународниот филмски фестивал „Фаџр“, што е во тек во главниот град на Иран, Техеран. Ова е 36-то издание на најголемиот ирански фестивал, а гости се над 300 режисери, сценаристи и професори од целиот свет, на чело со легендарниот американски режисер Оливер Стоун и италијанската легенда на шпагети-вестернот Франко Неро.

Манчевски е во жирито на официјалната селекција за награди наречена Спас на филмот, заедно со режисерите Јоана Кос-Краузе од Полска, Димитри Атантис од Грција, кинематограферот Махмуд Калари и актерката Мерила Зараи од Иран.
Во една од програмите игра и македонскиот филм „Исцелител“ на дебитантот Ѓорче Ставрески.

Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, „златен лав“ во Венеција, номинација за „оскар“, „индепендент спирит“, „Давид ди Донатело“, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, „сребрен кондор“ и други. Неговите филмови се предаваат на многубројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и во Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.