Милош Форман викендов на „Синедејс“

352

На почетокот на 17-от фестивал на европски филм, завчеравечер беше отворена и изложбата „Филм“ на Самир Љума

Со проекција на музичкиот документарец „Матанги/Маја/М.И.А.“ на Стив Ловериџ во киното „Фросина“ и на филмот „Среќниот принц“ на Руперт Еверет во киното „Милениум“, завчеравечер почна 17-от „Синедејс“, фестивал на европски филм. Отворањето на ова издание го обележи и изложбата на филмски фотографии на фотографот Самир Љума, насловена „Филм“, која беше отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Самир Љума е фотограф од Тетово, кој стои зад плакатот на филмот „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски. Тоа е негова прва од низата фотографии што ги направил за време на снимањата, каде што работел како волонтер и како асистент на камера, како клапер, како директор на фотографија и продуцент, па сега веќе се јавува и како извршен продуцент. Тој работел и во Еквадор со Кирил Поп Христов и во Македонија со Лесли Ајверкс, членката на Академијата за доделување „оскар“ и внука на првиот цртач на Мики Маус.

Публиката ќе биде во можност да ги погледне неговите фотографии до 18 ноември.
Викендов, на 11 ноември, во „Џебното кино“ на МКЦ, во 22 часот ќе почне прикажувањето на филмот „Аудиција“ на починатиот, легендарен чешки режисер со светско реноме, Милош Форман во чија чест, „Синедејс“ годинава, во соработка со амбасадата на Република Чешка во Македонија, на публиката ќе ѝ претстави четири филма од неговите рани творечки години. Филмови што се најавени како достојно потсетување на неговата генијалност и талент.

Во истото кино, публиката ќе има можност да ги погледне и филмовите: „Љубовта на една русокоса“ (13 ноември, во 22 ч.), „Гори, гори, моја госпоѓице“ (14 ноември, во 22 ч.) и „Црн Петар“ (16 ноември, во 22 ч.).

Викендов, во киното „Фросина“, публиката ќе има ретка можност да погледне два македонски краткометражни филма: „Готлиб“ на Крсте Господиновски (10 ноември, во 21 ч.) и „Црни и криви“ на Марко Џамбазоски, исто така во 21 ч.

Покрај нив, во кино „Милениум“, на 10 ноември, ќе бидат прикажани и „Човекот кој го уби Дон Кихот“ на Тери Гилам, а на 11 ноември: „Студена војна“ на Павел Павликовски, како и „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс вон Трир.

Во киното „Фросина“, пак, на 10 ноември, проекција ќе имаат филмовите „Граници, дождови“ на Никола Мијовиќ и на Властимир Судар, како и „Сама на мојата свадба“ на Марта Бергман, додека, пак, на 11 ноември ќе бидат прикажани и „Скршено“ на Едмонд Будина и „Никогаш нема да чекориш сам“ на Андре Шафер. И.Б.Р.