Микрокосмос

81

За творештвото на унгарскиот композитор Бела Барток (1881 – 1945) може да се пишува до бескрај. Тој со својот плоден творечки опус обезбедил место меѓу великаните на дваесеттиот век. Но ова е приказна за Барток етномузикологот и педагог.

Барток често патувал низ Унгарија и ги запишувал народните песни. Во 1906 година заедно со школскиот другар и истомисленик Золтан Кодај ја издал збирката „Дваесет унгарски народни попевки за глас и пијано“. Интересот го проширил кон словачкиот, рoмaнскиот и украинскиот фолклор, а потоа се дал во истражување и на арапската и на турската народна музика. Тој бил пионер во компаративната етномузикологија. Афинитетот на Барток кон фолклорот и националните вредности и обележја на различните култури се чувствува во голем дел од неговото творештво.

Фолклорните мотиви ретко ги користел како цитати, а повеќе како патоказ кон создавање на општата атмосфера. Овој, тогаш нов, музички јазик многу тешко и бавно го освојувал својот пат до слушателите. Историјата покажала колку неправедно бил потценет.

Како професор по пијано на Музичката академија во Будимпешта работел кратко време, но човештвото, а особено пиајнистичката педагогија ја задолжил со својот „Микрокосмос“. Првите скици за него датираат од 1926 година и биле наменети за неговиот син Петер. Циклусот од 153 минијатури и 33 вежби за пијано издаден во 1940 година е капитално дело со кое индиректно образовал многу генерации млади пијанисти. Минијатурите „растат“ со пијанистот – првите се многу лесни и едноставни, па полека стануваат сѐ потешки и покомплицирани и ги обработуваат сите аспекти на пијанистичката техника.

Последните се концертни пиеси, сложени, богати, виртуозни. Во нив се испреплетени љубовта кон фолклорната музика и современите ритми и хармонии од класичната музика. Навистина сочинуваат еден микрокосмос од убавина, зашто Барток не ја гледал педагогијата само како концепт за пренесување знаења и техники, туку како алатка за духовна и ментална наобразба на идните генерации.

Лада Шоптрајанова Петровска