„Медуза со главата на Персеј“ – за оваа скулптура зборува целиот свет

206

Скулптурата на аргентинскиот вајар Луцијано Гарбати, „Медуза со главата на Персеј“, стана симбол на триумф на жртвите на сексуалните напади, уште пред да биде поставена во средината на минатиот месец на Менхетн, веднаш спроти казнениот суд на улицата Центар. Имено, во времето кога ја изработил, а има оттогаш повеќе од десет години, на уметникот не му било ни на крај на памет дека неговата скулптура ќе стане дел од борбата за женски права, а камоли дека ќе биде поставена на толку важно и видливо место.
Меѓутоа, откако беше откриена, освен што е прогласувана за пример на новиот „МиТуАрт“, Медуза стана цел на жестоки критики. Како може дело, кое е имиџ на движењето против сексуалното насилство врз жените, да биде дело на еден маж, се прашуваа, меѓу другото, критичарите на овој потфат.
Во придружното соопштение скулптурата сепак се претставува како „икона на правдата“, со напомена дека Медуза, висока над два метра, стои преку патот на зградата во која се процесирани мажи обвинети за сексуални напади, за силувања и малтретирања, вклучувајќи го и Харви Вајнстајн, кој во февруари е прогласен за виновен за сторени две казнени дела за сексуални злосторства.

Реплика за 750 долари

Медуза, која во паркот „Колект понд“ ќе стои во половината од следната година, сѐ до 30 април 2021 година, во левата рака држи меч, а во десната главата на Персеј, која уметникот ја моделирал според сопствената. Скулптурата што го прикажува извртениот мит за Медуза, 47-годишниот Гарбати, кој живее и работи во Буенос Аирес, а инаку е со италијанско потекло, ја направил уште во 2008 година, но дури во 2018 година ја објавил фотографијата од тоа свое дело на социјалните мрежи. Објавата веднаш станала хит на интернет, статусот на „мем“ го стекнала откако фотографијата на делото нејзиниот автор ја објавил на Фејсбук, а користена е како симбол на женскиот гнев во екот на движењето #МиТу. Истата година, со помош на фотографката Бек Андерсен, уметникот ја изложил скулптурата на една поп-изложба на улицата Бовери во Њујорк, за подоцна таа да стане главен адут во нивниот заеднички проект, кој гo нарекоа „Ем-даблју-ти-ејџ“.
Освен поставувањето на делото наспроти судот, проектот вклучува и веб-страница преку која може да се купат минијатурни реплики на Медуза за 750 американски долари. Првата серија е веднаш распродадена, но двајцата уметници не застанаа тука, моментално преку страницата на проектот се нудат нови серии од Медуза, почнувајќи од 450 па до 1.500 долари, како и маици од 25 до 55 долари. Десет проценти од приходите се донираат за Националниот центар за женско право.
– Гарбати не само што го преврте сценариото туку му стави и женски облик на машкото искуство – рекла Бек Андерсон за „Њујорк пост“.

 

Тој ја согледал подлабоко приказната и го поставил прашањето: „Како би изгледало тоа да може таа да се одбрани?“
– Уметникот притоа се инспирирал од познатата бронзена скулптура од 16 век: „Персеј со главата на Медуза“ на Бенвенуто Челини (1545 – 1554), која се наоѓа во Фиренца на „Пјаца дела Сигнориа, а го прикажува голиот Персеј како ја држи главата на Медуза за нејзината змиска грива. Гарбати дошол до идеја за скулптура што би можела да ја преврти таа приказна, замислувајќи ја од перспектива на Медуза. Тој ја доведува во прашање карактеризацијата на митскиот лик како чудовиште и ја истражува жената што стои зад митот – е истакнато нa веб-страницата на проектот.
Во Овидиевите „Метаморфози“ Медуза била девојка во храмот на Атена, која Посејдон ја прогонувал и ја силувал. Атена во бес ја протерува и ја проколнува Медуза, чија коса ја претвора во змии и чиј поглед луѓето ги претвора во камен. Медуза самата е обвинета и казнета за злосторство чиja жртва е; отфрлена е како чудовиште, а потоа со сурова помош на Атена и Посејдон, на крајот епскиот херој Персеј ја уловува и ѝ ја отсекува главата, па ја прикажува како трофеј на својот штит.

Виновна за силување

Во својата пријава за градската програма „Уметност во парковите“, Гарбати напоменал дека, според митот, Посејдон ја силувал Медуза во храмот на Атена. За казна, Атена својот бес го свртела кон Медуза, претворајќи ја нејзината коса во змии. Во пријавата се наведува дека приказната „со илјадници години им давала пораки на жените дека тие, ако се силувани, се виновни за тоа.“
Но според некои интернет-коментатори, скулптурата всушност и не ја исполнила задачата. Активистите, но и други корисници на социјалните мрежи, се прашувале зошто уметничкото дело посветено на движењето #МиТу, кое во голем дел е втемелено на личните приказни на жените, го создал маж и дали статуата на голата, идеализирана жена од страна на машкиот уметник всушност ја отелотворува силата на феминистичкото движење „МиТу“. Другите се прашувале зошто, ако скулптурата треба да биде насочена против сексуалното насилство, Медуза ја носи главата на Персеј, а не на Посејдон, својот силувач. Некои, пак, го довеле во прашање самиот начин на кој Медуза е прикажана како флексибилна, класично убава гола фигура кога ја опишале како чудовиште… Во секој случај, критика не недостига. Бранејќи ја работата, но и целиот проект, од сите тие напади Бек Андерсен изјавила дека неа воопшто не ја загрижува полот на уметникот.

– За мене е возбудливо токму тоа што уметникот е маж. Мислам дека мажите се чувствуваат отстранети од разговорите за „МиТу“ и мислам дека се плашат што значи тоа за нив – рекла таа во едно интервју.
Самиот автор на делото рекол во едно интервју дека досега неговата скулптура била независна од него, дека имала некој свој сопствен живот создаден низ набљудување и интерпретација на другите.
– Би рекол дека сум почестен со фактот што скулптурата е одбрана како симбол – изјавил и додал дека целиот проект му помогнал да разбере дека и самиот е производ на патријархалното општество.