Матеа Киселичка со музиката на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ ќе настапи во Кина

703

Матеа Киселичка по покана на Амбасадата на Македонија во Пекинг, Н. Р. Кина, ќе учествува на овогодинешната Гала вечер која е дел од соработката помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, под наслов „Чајна ЦЕЕЦ спринг фестивал гала“.

Гала-вечерта ќе се одржи во театарот „Поли“ во градот Куншан – Суџо, на 5 декември, на која ќе присуствуваат 14 амбасадори од 14 различни земји, меѓу кои и амбасадорката на Македонија во Пекинг. На настанот ќе учествуваат уметници од неколку европски земји и уметници од Н.Р. Кина, како: танчари, музичари, пејачи и циркуски трупи.

Киселичка ќе ја претставува нашата земја со свое кореографско дело на музиката на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ – „Еј ти момче охриѓанче“, кое содржи етноелементи од македонските традиционални ора, моделирани преку вокабуларот на современиот танц.

Настанот има за цел да ја обедини суштината на традиционалната и модерната уметност на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, користејќи високотехнолошки аудиовизуелни методи за репродукција на брилијантните достигнувања на нивната култура и уметност.