„Марина Абрамовиќ – перформанси“ во Фиренца до 20 јануари

393
Марина Абрамовиќ

Во палатата „Строци“ во Фиренца, Италија, од август во тек е изложбата „Марина Абрамовиќ – перформанси“, која ќе трае до 20 јануари 2019 година. Со повеќе од 100 дела изложбата на Абрамовиќ во Италија ја следи нејзината кариера од 1970-тите години и потсетува на најважните перформанси, а уметницата исто така учествуваше во подготовките.

Неодамна во фирентинскиот музеј се случи инцидент кога маж ја удри српската уметница со слика по главата. Директорот на установата, Артуро Галансино, соопшти дека Абрамовиќ не е повредена, а италијaнските медиуми објавија дека сликата со дрвена рамка, со која е извршен нападот, е портрет од Абрамовиќ што го насликал напаѓачот.

Полицијата отвори истрага за инцидентот. Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ пишуваше дека напаѓачот, чие име не е објавено, двапати во јавност се појавил гол во текот на изминатите години, а еднаш лежел гол на лажни долари.
Марина Абрамовиќ повеќе од четири децении го збунува, излудува, заведува светот. Родена е во Белград во 1948 г. Позната е по своите неконвенционални перформанси во кои ги руши моралните и социјалните табуа. Има најавено дека ќе прави перформанс и од својот погреб, дури откри и детали од „сценариото“ за нејзиниот погреб.

– Мислам дека за еден уметник е важно како живее, кога треба да престане да работи и како ќе умре. Погребот е последен чин на уметникот пред да отиде на другиот свет. Сум била на многу погреби што биле направени по идеја на роднините и биле катастрофални. И не го претставуваа духот на човекот што починал. Еден од најужасните во таа смисла беше погребот на Сузан Зонтаг. Затоа сакам самата да го креирам мојот погреб. Кај мојот адвокат направив договор за својот погреб, кој ќе вклучува три тела. Само едно ќе биде вистинското, но нема да се знае во кој ковчег ќе се наоѓа. Погребот ќе биде на три места на кои живеев најдолго во мојот живот. Тоа се Белград, Амстердам и Њујорк. Никој нема да биде облечен во црно, туку во живи бои – објави Абрамовиќ.