МАНУ ги промовира „Лихнид и Десаретија“ и „Полифонисти“

43

Зборникот трудови под наслов „Лихнид и Десаретија“ на академик Вера Битракова-Грозданова и романот „Полифонисти“ на академик Луан Старова деновиве се промовирани на манифестацијата „Научна и уметничка визита – Охрид 2018“, во организација на МАНУ, во Куќата на Уранија. Според академик Георги Старделов, „Лихнид и Десаретија“, кој е создаван половина век, е посветен на охридско-преспанскиот регион, со сите тајни што ги крие во себе.

– Десаретија ја открива како западна порта на антиката, без неа, гетеовски кажано, немаше да знаеме од каде сме, што сме во историјата, времето и просторот. Тоа е една илустрација на времето, откривањето и истрајувањето, од „Еурека“ на Архимед до современиот Фуко. Само во археологијата вистината е несоборлива, но на начин како што тоа го прави Вера, спротивно од она што, последната деценија ни го наметна и во што нѐ заробија инстант-археолозите и политичарите – рече Старделов.

Професорката Силвана Блажевска, говорејќи за истиот труд, се осврна на истражувањата на Битракова-Грозданова за раната антика, особено некрополите околу Десаретски Езера во хелинистичкиот период, за културните врски со Епир, односно влијанието на Епир кон Илирик, како и другите горномакедонски региони, за урбаната фаза во Римското Царство и елементите на градската римска управа (Античкиот театар во Охрид), старото градско јадро во Охрид во раната и доцна антика.

Академик Луан Старова во „Полифонисти“ зборува за животот во егзил, кој најчесто се одвива под знакот на бегалската судбина. Овој 13-ти роман од неговата позната „Балканска сага“ е посветен на полифоното пеење што го негуваат повеќе народи на Балканот.

– Полифоното пеење е најстариот облик на вокално-музичко изразување на Албанците. Класичното полифоно пеење обично беше двогласно и трогласно, го негуваа старите медитерански народи, во прв ред Корзиканците, Старите Грци, но и други. Албанците се можеби единствени во светот што практикуваат четиригласно полифоно пеење. И семејството од мојата балканска сага, ова пеење, како химна, го носи во својот егзил – рече на промоцијата меѓу другото Старова.