Македонски театарски и музички автори во Грожњан

62

На меѓународната драмска колонија „Од текст до претстава“ од Македонија учествуваа драмската авторка Ирма Башеска Ристовска, со својот текст „Кажи ’Вориос’ и влези“, и режисерката Драгана Гунин, а на „Летната пијанистичка школа“ во август предавач ќе биде и македонскиот пијанист Симон Трпчевски

Оваа година, во древниот град Грожњан во Истра, Хрватска, се прославува 50-годишнината од „Џунес музикалес интернешнел“ (ЈМИ), а програмата меѓу другото вклучува и работилници и настапи на македонски артисти од театарската и музичката област. Грожњан е град што се простира на површина од само 68 квадратни километри, но изобилува со богата историја, традиција, природни богатства и културно наследство, а благодарение на фестивалот и големиот број галерии, уметници и музичари што творат тука, Грожњан денес гордо го носи меѓународно признаениот статус „Град на уметниците“. Формиран во 1969 година од ЈМИ како прв меѓународен музички камп во светот, главната цел на „Проектот Грожњан“ било создавање постојан меѓународен уметнички центар, отворен за млади луѓе од целиот свет, давајќи им можност и простор за развој, образование, размена на идеи и методи, кои тесно соработуваат со нивните ментори.

Оваа година програмата нуди повеќе од 50 работилници, семинари и симпозиуми во различни области: музика, танц, архитектура, драма, ликовна уметност, кино и социјални студии. Концертната сезона „Грожњанско музичко лето“ во својот широк спектар нуди богата програма, а сите изведби се бесплатни. Годинешната програма беше отворена на 14 јуни, со свечена прослава, додека, пак, првата работилница на танцовиот театар за деца и млади „Ин д муд“ се одржа во периодот од 27 јуни до 7 јули.

Во периодот од 1 јули до 7 јули се одржа меѓународната драмска колонија „Од текст до претстава“, која претставува соработка помеѓу македонскиот и хрватскиот ИТИ-центар. На оваа колонија од Македонија учествуваа драмската авторка Ирма Башеска Ристовска, со својот текст „Кажи ’Вориос’ и влези“, и режисерката Драгана Гунин. Текстот на Башеска Ристовска се изведе во режија на хрватската режисерска Оља Лозица, додека, пак, Гунин го режираше драмскиот текст „Тунели“ на хрватските автори Нина Бајсиќ и Вид Хрибар. Актерите од двете претстави се студенти на Лозица и доаѓаат од Осиечката и Риечката академија за драмски уметности. Меѓународната драмска колонија е проект почнат во 1999 година, се одржува секоја година во јули во Грожњан и претставува можност за поврзување на хрватските и странските автори. Основна идеја на колонијата е размена на текстови и промоција на авторите, преку работилница на која се поставува текстот, кој на самиот крај има премиера.

Од 18 август до 28 август ќе се одржи „Летна пијанистичка школа“, која вклучува мајсторски пијано-семинар и интерпретација на пијано-музика. Предавачи ќе бидат македонскиот пијанист Симон Трпчевски, Катарина Крпан и Иванка Кодриќ од Хрватска. Програмата исто така вклучува и работилници за контрабас, хармонија и харфа, меѓународен џез-фестивал, летна школа за модерна политичка теорија, меѓународна школа за архитектура…